Линкови за пристапност

Заев осомничен во „Пуч“


Во обраќање до јавноста, премиерот на Република Македонија го обвини водачот на опозицијата за соработка со странска разузнавачка служба, а челникот на СДСМ порекна и побара вклучување на меѓународната заедница

„Ве повикувам сите да го следите случајот. Вистината ќе излезе на виделина, за сè постојат цврсти докази“, изјави попладнево премиерот Никола Груевски во вонредното телевизиско обраќање до македонската јавност, откако претходно, Министерството за внатрешни работи и министерката Гордана Јанкуловска ја обедлоденија полициската акција „Пуч“, со којашто бил опфатен случајот со апсењето на бившиот директор на Државната безбедност, Зоран Верушевски. Полицијата сега го товари неодамна уапсениот поранешен прв контраразузнавач и за „шпионажа и за помагање на насилство врз претставници на највисоките државни органи“, а четвртоосомничен за „насилство врз претставници на највисоките државни органи“ сега е водачот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев.

Го прашав дали е сигурен во тоа што го говори и дали станува збор за странска разузнавачка служба, а тој потврдно ми одговори. Тој ми раскажа и неколку од телефонските разговори, дел беа точни, дел делумно точни, дел неточни. Ми рече дека се снимени разговори на претседателот на државата, на Собранието, на Владата, на новинари, на политичари од власта и од опозицијата.
Никола Груевски, премиер на Република Македонија

Груевски директно го обвини Заев дека меѓу септември и октомври минатата година, на четири нивни средби, од коишто првата била иницирана од водачот на опозицијата, а другите три се однесувале на првата, му побарал побарал итно формирање на техничка влада, во спротивно заканувајќи се со снимени телефонски разговори коишто може да го компромитираат државниот врв. Според Груевски, Заев се заканил дека ќе обелодени компромитирачки снимени телефонски разговори на претседателите на државата, на Собранието и на Владата.

„Го прашав дали е сигурен во тоа што го говори и дали станува збор за странска разузнавачка служба, а тој потврдно ми одговори. Тој ми раскажа и неколку од телефонските разговори, дел беа точни, дел делумно точни, дел неточни. Ми рече дека се снимени разговори на претседателот на државата, на Собранието, на Владата, на новинари, на политичари од власта и од опозицијата. Сепак, иако сите разговори не беа точни, фактот што некои сепак беа, ја покажа сериозноста на ситуацијата“, рече Груевски во обраќањето до јавноста.

Ова е проѕирен обид на власта да го спречи обелоденувањето на криминалот и сето зло што го има направено оваа криминална власт... ова не може да се толкува поинаку, ова е забеган обид на власта да ги спречи бомбите, вистините, аргументите и доказите дека тие се оние кои правеле зло, а мојата вина е што дознав.
Зоран Заев, претседател на СДСМ

Тврдејќи дека претставниците на власта не се „Македончиња, ние сме Македонци!“, премиерот порача дека не трпи закани и уцени и дека кај него не проаѓаат „местенки“.

„Сакам да ја информирам јавноста дека ќе одговорам на сите прашања во судската постапка која ќе биде јавна и транспарентна и за домашната и за меѓународната јавност и ве повикувам сите да го следите случајот со внимание и да ги гледате доказите и да ги препознаете шпекулациите и местенките“, рече Груевски, додавајќи дека се обезбедни цврсти докази за неговите тврдења.

„Можеби некој ќе каже дека тоа не требаше да го направиме оти Заев најмногу ни одговара како политички противник. Но, има работи кои не смеат да се игнорираат, а тоа е интересот на државата. Што би направил секој од вас кога би бил на мое место?“, ја праша јавноста и присутните новинари премиерот Груевски.

Четвртопријавениот остварил повеќе лични средби и телефонски комуникации со претседателот на Владата, на 28 септември 2014, на 9 и 31 октомври 2014 и на 17 ноември 2014 година. На средбите и комуникациите пријавениот на претседателот на Владата, јасно и децидно му упатил сериозни закани дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни службени и државнички функции во Република Македонија. Заканата ја конкретизирал со тоа што од него, како претседател на Владата и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, побарал да ги прифати неговите барања за формирање „техничка влада“, а потоа да се распишат предвремени избори за пратеници во Собранието. За возврат, пријавениот ветувал дека нема јавно да ги објави податоците.
Иво Котевски, помошник-министер во МВР

По кусото обраќање не беа дозволени новинарски прашања.

Пред ненадејното обраќање на премиерот, Јавното обвинителство соопшти дека откако МВР поднело кривична пријава против четири лица за повеќе кривични дела, бил одреден притвор за осомничените З.В., С.В. и Б.П., а за лицето З.З., бидејќи кривичното дело останало во обид, не е поднесен предлог за определување на мерката притвор, туку „предлог за определување на мерка на претпазливост и тоа обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице односно кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница“, известија медиумите.

МВР излезе со тврдење дека осомничените во полициската акција „Пуч“ се товарат за шпионажа и за помагање при насилство врз државни функционери.

„Четвртопријавениот остварил повеќе лични средби и телефонски комуникации со претседателот на Владата, на 28 септември 2014, на 9 и 31 октомври 2014 и на 17 ноември 2014 година. На средбите и комуникациите пријавениот на претседателот на Владата, јасно и децидно му упатил сериозни закани дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни службени и државнички функции во Република Македонија. Заканата ја конкретизирал со тоа што од него, како претседател на Владата и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, побарал да ги прифати неговите барања за формирање „техничка влада“, а потоа да се распишат предвремени избори за пратеници во Собранието. За возврат, пријавениот ветувал дека нема јавно да ги објави податоците“, рече помошник-министерот во МВР Иво Котески за наводната вина на Заев. Според него, во периодот од 2012-та до денес, првопријавениот разузнавач Верушевски „прибавувал тајни податоци поврзани со работењето на надлежни државни органи во Република Македонија, во форма на документи, фотографии, имиња на лица и други податоци што се однесуваат на општествено-политичките, економските, безбедносните состојби во Македонија, со намера, да ги соопшти и предаде на странска држава, организација или лице што им служи“.

Ако некој не знаеше со каков режим имаме работа, сега веќе на сите им е јасно... Ова е лудило кое продолжува. Ниту опозицијата ниту власта не се зачудени. Домашната и меѓународната јавност веќе знаат за тоталитаристичкото владеење. Сега сите треба да бидеме со ладни глави. Режимот ги покажува своите намери.
Андреј Жерновски, претседател на ЛДП

Министерката за внатрешни работи Јанкуловска за ТВ Сител потенцираше дека и според анализата на документите во форма на електронски записи пронајдени кај првоосомничениот, се работи за документи со класифицирана содржина, но и за податоци за следење на комуникации на незаконски начин, бидејќи тој на ниеден легален начин не можел и не смеел да ги поседува.

„Задоволни сме од материјалните докази во прилог на кривичната пријава и оставаме органите да одлучат по основ на силината на документите“, изјави Јанкулоска, според којашто жртви на кривични дела биле јавни личности, препознатливи во македонското општество, кои биле следени во периодот по 2012-та година.

Го проследив обраќањето на премиерот Груевски и морам да оценам дека истото беше многу штуро, бидејќи коректно ќе беше да одговори на прашањата на јавноста, односно секогаш кога обвинувате за нешто треба да се предочат аргументи. Вака, се кажа многу малку, а се премолча многу, поради што и се остави огромен простор за шпекулации, секој да си толкува како што сака.
Владимир Пивоваров, професор и поранешен разузнавач

Во првите реакции објавени во медиумите, Заев потенцираше дека кривичната пријава против него поради сомнеж за „загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта“ претставува „дрзок и безобразен обид на власта да го спречи објавувањето на докази и аргументи... Ова е проѕирен обид на власта да го спречи обелоденувањето на криминалот и сето зло што го има направено оваа криминална власт“, изјави Заев, според кого „ова не може да се толкува поинаку, ова е забеган обид на власта да ги спречи бомбите, вистините, аргументите и доказите дека тие се оние кои правеле зло, а мојата вина е што дознав“.

Тој коментираше дека „дури и Заев и половина Македонија да ја притворат и осомничат, вистината ќе ја знаат сите и нема да успеат да го спречат објавувањето“. Заев беше дециден дека нема да го спречат да ја објави најавуваната „бомба“ за наводниот криминал на државниот врв, но побара и вклучување на меѓународниот фактор.

„Поради тоа што постои целосна спрега меѓу МВР, Обвинителството и судството, ја повикувам меѓународната заедница да се вклучи во целиот процес, поради тоа што се работи за слободата и демократијата во земја-членка на ОН и земја кандидат за членство во ЕУ и да се произнесат и да помогнат во враќањето на слободата и демократијата во Македонија“, изјави Заев за Радио Слободна Европа.

Според помошник-министерот Котевски, согласно законот, за „насилство кон претставници на највисоките државни органи“ и „шпионажа“, казната затвор е најмалку четири години.

Водачот на ЛДП и еден од опозиционите челници, Андреј Жерновски, реагираше дека „ако некој не знаеше со каков режим имаме работа, сега веќе на сите им е јасно... Ова е лудило кое продолжува. Ниту опозицијата ниту власта не се зачудени. Домашната и меѓународната јавност веќе знаат за тоталитаристичкото владеење. Сега сите треба да бидеме со ладни глави. Режимот ги покажува своите намери“. Тој порача дека „опозицијата мора да најде вистинска формула да го анимира незадоволството кај граѓаните и да се соберат сите заедно кои што се против оваа власт“.

Поранешниот разузнавач, професорот Владимир Пивоваров реагираше дека со непрезентирањето на аргументи, поднесувањето на кривичната пријава против лидерот на СДСМ е обид да се замолкне опозицијата и да се оневозможи објавувањето на т.н. бомба, затоа што по периодот на претпазливост на власта, сега, кога било најавено објавувањето на информациите до коишто дошла опозицијата, е поднесена кривичната пријава против нејзиниот водач.

„Го проследив обраќањето на премиерот Груевски и морам да оценам дека истото беше многу штуро, бидејќи коректно ќе беше да одговори на прашањата на јавноста, односно секогаш кога обвинувате за нешто треба да се предочат аргументи. Вака, се кажа многу малку, а се премолча многу, поради што и се остави огромен простор за шпекулации, секој да си толкува како што сака“, изјави Пивоваров за медиумите. Според него, треба да се утврди дали некој од двајцата соговорници, премиерот или лидерот на опозицијата, бил „озвучен“ на средбите и дали незаконски снимал. „По сево ова, очекувам да завладее уште поголем страв меѓу граѓаните, дека секој секого снима или прислушува, што значи ќе завладее период на целосен молк“, изјави бившиот разузнавач.

XS
SM
MD
LG