Линкови за пристапност

Новинарски протест за пуштање од притвор на колегата Кежаровски

  • Синиша Станковиќ

Фотографии на Роберт Атанасовски и Филип Антовски од Фејсбук-страницата на Синдикатот на новинари и медиумски работници

Фотографии на Роберт Атанасовски и Филип Антовски од Фејсбук-страницата на Синдикатот на новинари и медиумски работници

Основниот суд Скопје 1, пак, смета дека протестот е „упад во независното функционирање на судскиот систем“.

Со транспаренти „Глад за слобода!“ и „Колку пари чини животот на Кежо?“, денес пред Кривичниот суд група новинари од разни медиуми повторно мирно протестираше, барајќи колегата Томислав Кежаровски да биде пуштен од притвор и да може да се брани од слобода.

Кежаровски беше притворен пред пред два месеца, по спектакуларното апсење од маскирани специјалци во неговиот дом, во рамки на полициската акција „Ликвидација“. Осомничен е дека во два текста објавени пред пет години во магазинот „Репортер 92“ наводно го открил идентитетот на заштитениот сведок во судски случај за убиство. Но, пред 5 месеци, самиот заштитен сведок на суд изјави дека неговото сведочење во случајот било лажно и дека било искажано под закана од полицијата. Приведувањето на Кежаровски предизвика контроверза и огорчени реакции во дел од македонската јавност, затоа што од делото се поминати повеќе години, магазинот повеќе не постои, а судењето во случајот на кој се однесуваат текстовите на Кежаровски заврши со ослободителна пресуда за обвинетите.

Истрагата за Кежаровски официјално заврши, па судот вчера ја промени и причината за задржување на новинарот во притвор од „опасност за влијание врз сведоците“ во „опасност од бегство“. Судот без рагледување на гаранцијата во имот која за ослободување на новинарот ја приложи неговото семејство и со Фотографии на Роберт Атанасовски и Филип Антовски од Фејсбук-страницата на Синдикатот на новинари и медиумски работници

Фотографии на Роберт Атанасовски и Филип Антовски од Фејсбук-страницата на Синдикатот на новинари и медиумски работници

објаснување дека немало време таа да се разгледа, по третпат му го продолжи притворот на Кежаровски. Тоа беше причина македонските новинари претпладнево со свирежи и скандирања одново да протестираат, овојпат и со едноминутно молчење во знак на почит на “убиената слободата на изразување во Македонија“.

Претседателката на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Тамара Чаусидис, потенцираше дека „слободата на изразување е мртва, како и дел од колегите што работат во контролираните медиуми“.

„Идеологиите се менуваат, но она што ги држи живи се оние што се потпишуваат, оние што не се спротиставуваат. Имаме такви и во наши редови, и време е да почнеме да ги кажуваме и да ги именуваме. Ниедна наредба немаше да биде спроведена ако не беше потпишана од надлежните судијки“, порача Чаусидис.

Основниот суд Скопје 1 реагираше на новинарскиот протест преку соопштение во кое наведува дека „во постапката во која еден од обвинетите е и новинарот Томислав Кежаровски, постапува независно и непристрасно во согласност со Законот за кривична постапка без било какви политички и други надворешни влијанија, при што ги презема сите неопходни мерки постапката да се спроведе ефикасно и ажурно, во насока на утврдување на фактичката состојба, со почитување на законски утврдените права на сите обвинети во постапката“.

Судот ја осуди, како што наведува, „вака воспоставената медиумска пракса за вршење притисок врз судот од поединци и групи кои на овој начин, злоупотребувајќи го медиумскиот простор преку таканаречени форми на слобода на изразување, го изразуваат незадоволството од очекуваниот тек на постапката, па со оваа цел, преку различни „иницијативни одбори“ и други интересни групи, со организирање на протести пред судот, ставајќи се над законот и уставот на Република Македонија која има долгогодишна демократија и преку своите институции, а особено преку судската власт ги гарантира човековите права и слободи“.

Судот го смета протестот за „упад во независното функционирање на судскиот систем и примена на законите“, со што се загрозувал правниот поредок и правната еднаквост на граѓаните. Судот истовремено тврди дека со протестите „обвинетиот новинар се става во привилегирана позиција во однос на останатите обвинети за кои исто така е определена мерка притвор, при што на овој начин се злоупотребува позицијата што истиот (ја) извршувал - дејноста новинар, за да се прикаже во јавноста дека во Република Македонија се ускратуваат правата на слобода на изразување“.

На протестот, пак, меѓу транспарентите имаше и саркастични и црнохуморни пароли: „Сите сме ВМРО, пуштете го Кежо!“ и „Ветуваме ќе молчиме, пуштете го Кежо!“, со кои организаторот на протестот, Иницијативниот одбор за спас на Кежаровски, побара похуман однос кон новинарот кој четврти ден штрајкуваше со глад.

Според претседателот на репрезентативното Здружение на новинарите на Македонија, Насер Селмани, продолжувањето на притворот на Кежаровски е скандалозна одлука која е во спротивност со Уставот и законот. Според него, и самите судии кои ја потпишале одлуката, знаат дека Кежаровски нема и не сака да избега, дека тој нема ни финансиски можности за тоа, и дека никогаш не би ги оставил сопругата и малолетната ќерка.

Повторувајќи дека македонските новинари не се монструми, Селмани и` порача на власта дека не успева да ги исплаши новинарите: „...Вистината и правдата се наша страна. Нема да не` одвратат од намерата јасно и гласно да ги кажеме работите како што се... Со вакви одлуки се сака да се воведе едноумие, ама немаме намера да се откажеме од нашата кауза. Македонија е европска земја и таква ќе остане, без разлика на напорите и желбите на некои глави во Македонија“.

Пред новинарите се обрати и Зоран Димитровски, главниот и одговорен уредник на весникот Нова Македонија во кој работи Кежаровски. Тој рече дека Македонија 20 години се обидува да создаде независни судски институции и полиција, но дека сега може да се каже оти политичките институции треба да се вмешаат во независноста на судството и да реагираат заради заштита на слободата и човековите права.

„Судот, органите на прогонот, обвинителството, полицијата го прекршуваат законот, ги пречекоруваат своите овластување и време е политиката да реагира. Премиерот Груевски и претседателот Иванов треба јавно да ги повикаат да го штитат законот, да го прекинат притворот на Кежаровски, да го спасат неговиот живот, но и да го спасат угледот на Македонија во светот... Тие треба да се обидат да го вразумат овој кадиско-спахијски-султански систем на судство, полиција и на органи на прогонот“, рече Димитровски.

На новото, последователно продолжување на притворот на новинар за објавен текст пред пет години и со крајно контроверзна аргументација, денес реагираше и Делегацијата на Европската унија, која испрати соопштение до Иницијативниот одбор на укинување на мерката притвор на новинарот Кежаровски.

„Сакаме да истакнеме дека легислативата на земјата налага мерката притвор да биде сведена на најкраткото нужно време и сите институции надлежни за спроведување на законот, да дејствуваат итно да за да се забрзаат случаите во кои обвинетите се во притвор пред судењето. Европската делегација е загрижена за неодамнешните случувања, вклучувајќи ја и одлуката на новинарот Кежаровски да започне штрајк со глад“, стои во соопштението.

И претставничката на ОБСЕ за слободата на медиумите, Дуња Мијатовиќ, денес го осуди продолжувањето на притворот на Кежаровски: „Неприфатливо е новинар да биде уапсен за неговото известување. Во минатиот месец два пати интервенирав за овој случај, но денес сум особено вознемирана поради продолжувањето на притворот за триесет дена“.

Осуда дојде и од Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) и Европската федерација на новинари (ЕФЈ), кои и претходно реагираа по повод неговото притворање, со резолуција на Светскиот конгрес на ИФЈ во Даблин.

Ние сме многу загрижени поради продолжувањето на притворот за нашиот колега Томислав Кежаровски и безрезервно ја осудуваме одлуката на судот во Македонија да го задржи дополнителни 30 денови“, изјавил претседателот на ИФЈ Џим Бумелха, според кого, „држењето во притвор ги поткопува неговите права и слободи како новинар, но и го става под прашање почитувањето на правото на слобода на изразување и информирање воопшто во Македонија“.

Непосредно пред испраќањето на овој извештај, од сопругата на Кежаровски, Марина, дознавме дека тој и` соопштил дека денес прекинал со штрајкот со глад.
XS
SM
MD
LG