Линкови за пристапност

Мирен протест во Скопје против филмот „Невиноста на муслиманите“

  • Соња Трајковска

Организаторот упати порака до западните земји да го спречат сквернавењето на пророкот Мухамед, но апелираше и до арапските земји да прекине насилството.

Стотина муслимани се собраа денеска пред Мурат пашината џамија во Старата скопска чаршија, на мирен протест против навредливиот филм за пророкот Мухамед, кој поттикна бран насилства и демонстрации во муслиманскиот свет.

Организаторот, невладината организација „Клубиелита“, под мотото „Го сакаме нашиот пророк“ и со верски рецитали упати порака за мир, но и порака до западните земји да го спречат сквернавењето на пророкот Мухамед, а со тоа и на исламот. Организацијата апелираше и до арапските земји да прекине насилството.

„Тоа што се случува е жално. Тие земји се тоталитарни и далеку од исламски земји, би рекол дека се арапски. Во нив живеат муслимани, но тие се далеку од исламски земји. Кога би бил жив пророкот Мухамед, сигурно не би го дозволил тоа. Секоја реакција мора да биде мирна. Нашиот одговор е токму кон Амбасадата на САД, кои се велесила во светот, да си го сочуваат соживотот“, изјави Скендер Реџепи од НВО „Клубиелита“.

Организаторот најави дека пораките од денешниот мирен протест во писмена форма ќе ги предаде до Амбасадата на САД во Скопје и до претставниците на западноевропските држави.

Ова е прв организиран протест во Македонија против филмот „Невиноста на муслиманите“. Тој не предизвика внимание кај останатите невладини организации, ниту пак кај политичките партии. Исто така, за него имаше многу мал медиумски интерес.
XS
SM
MD
LG