Линкови за пристапност

Груевски: „Заев гледа планина, која никој од нас не ја гледа“


Груевски: „Не може да се преговара кој да ја има довербата од граѓаните. Тоа само граѓаните го одлучуваат. Но, може да се разговара за многу други работи што може да се разрешат со политички дијалог“
Груевски: „Не може да се преговара кој да ја има довербата од граѓаните. Тоа само граѓаните го одлучуваат. Но, може да се разговара за многу други работи што може да се разрешат со политички дијалог“

„За тоа кој ќе биде во Владата, одлучуваат граѓаните на Македонија на избори, а не Заев“, изјави премиерот

„Како да сме сите во една пустина и тој нè тера да замислиме сите дека пред нас има планина, а никој од нас таа планина не ја гледа. Преведено со други зборови, сите ние учествувавме во изборите, граѓаните учествуваа во изборите, добро знаат дали имаше или немаше притисоци и закани. Одеднаш се појавува сега Заев со разни креирани материјали со коишто сака сите граѓани, не само нас, туку сите граѓани сака да ги убеди дека тие не гласале по сопствена волја, не гласале на начин како што гласале без притисоци и закани или нешто слично што е незаконско, туку дека гласале со притисоци и закани“ – вака македонскиот премиер Никола Груевски ги коментираше обвинувањата на опозициониот водач Зоран Заев и објавувањето на аудио-снимките за коишто Социјалдемократскиот сојуз на Македонија тврди дека се дел од разговори на претставници на власта коишто докажуваат бројни активности за местење на гласањето во неколку изборни циклуси.

Граѓаните се тие кои даваат глас која партија да биде на власт, а не опозициониот водач, коментираше премиерот за барањата за оставка на Владата и формирање на преодна влада.

„Неговото главно барање беше формирање на таканаречена преодна Влада, нешто во форма на широка коалиција и давање оставка на Владата, на мене, на министрите итн. За тоа кој ќе биде во Владата, кој нема да биде, одлучуваат граѓаните на Македонија на избори. Тие се тие што ја даваат оценката, што го даваат гласот, довербата за политичка партија, за тоа кој ќе биде премиер, а не Зоран Заев“, рече Груевски.

Иако тврди дека Заев сака да ги убеди граѓаните коишто гласале по сопствена всушност гласале под притисок и со закани, Груевски истакна и дека власта е секогаш отворена за политички дијалог, на принципиелна основа.

„Не може да се преговара кој да ја има довербата од граѓаните. Тоа само граѓаните го одлучуваат. Но, може да се разговара за многу други работи што може да се разрешат со политички дијалог“, смета Груевски.

На политичката криза во Македонија се осврна и француската амбасадорка Лоренс Оер, со коментар дека „политичката ситуација во Македонија загрижува, но таа не треба да ја спречи земјата и граѓаните да ги третираат вистинските проблеми. Не велам дека политичката ситуација не е вистински проблем, меѓутоа постојат и други работи коишто се однесуваат на иднината, а една од нив е и животната средина...“, рече Оер. Таа кажа и дека медиумите во Македонија треба да работат во нормални услови.

За актуелната политичка ситуација се изјасни и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите д-р Владо Камбовски, кој апелираше надлежните институции да си ја вршат работата, а од МАНУ да не се бара да арбитрира.

„Одговорноста е на надлежните институции да си ја извршуваат својата законска и уставна задача и функција што ја преземале и доследно да се држат до Уставот за кој положиле заклетва“, изјави Камбовски. Според него, МАНУ не може да стане дневно-политички интерпретатор на настаните,

„Како да арбитрирате кога има вжештен политички судир, бидејќи ќе треба да заземеме една или друга страна или околу нешто што е далеку од реалноста. Затоа не треба да се смета дека е тоа молчење, туку реален пристап на Академијата и нејзино реално гледање на вкупните состојби“, потенцира Камбовски.

Многу поконкретно реагираше Форумот на слободоумни патриоти којшто побара јавно извинување за заканите, условувањата и вулгарните изрази што ги користеле високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку во институционална постапка се потврди автентичноста на објавените снимки, Форумот на слободоумни патриоти, во име на чесното и лојално членство на ВМРО-ДПМНЕ, чувствува морална и човечка одговорност јавно да им се извини на секој поединец, етникум, здружение, партија и на сите останати субјекти на кои во текот на владеењето на оваа раководна структура на ВМРО-ДПМНЕ им е повредена честа, угледот и достоинството“, наведуваат од Форумот.

Според еден од најстарите членови на ВМРО-ДПМНЕ, професорот д-р Јове Кекеновски, Форумот на слободоумни патриоти „бара од премиерот Груевски да си замине од политичката сцена ако навистина и мисли добро на државата“

„Ако во најголемата хрватска партија се случи „десанадеризација“, кај нас мора да се случи „дегруевизација“, бидејќи политиката што Груевски ја практикува нема никаква допирна точка ни со програмските документи, ни со идеологијата, ни со доктрината на ВМРО-ДПМНЕ. Тој ги напушти сите фундаментални партиски принципи. Ако демохристијанската ориентација налага државна и партиска политика заснована на морални критериуми, почитување на демократските права и слободи, ако налага среќата на индивидуата или групата да се бараат во среќата на сите членови во општеството, повеќе од јасно е дека досегашната политика на ВМРО-ДПМНЕ не оди во таа насока и е погубна за партијата, но пред се, за државата“, изјави Кекеновски во медиумите.

На ваквите и слични барањата на одделни бивши функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ за внатрепартиски реформи, за враќање на партијата на прав пат, како и за негово заминување од функцијата претседател на партијата, Груевски потенцираше дека актуелната политичка гарнитура која ја води ВМРО-ДПМНЕ „освои најголем број гласови во историјата на оваа партија. На последните избори што се одржаа пред само осум месеци. Јас немам против некој од нив да излезе на избори и да видиме колку тој ќе добие на тие избори“.

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ за в недела во салата „Борис Трајковски“ закажа трибина за актуелната политичка ситуација, за којашто медиумите очекуваат дека ќе прерасне во партиски собир. Според дел од медиумите, големиот собир на граѓани треба да испрати јасна порака дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ја напушти власта, дека Владата нема да поднесе оставка и нема да го прифати предлогот на СДСМ за организирање избори со преодна влада.

XS
SM
MD
LG