Линкови за пристапност

Претседателот мора да сфати дека влијае врз иднината на државата


Ден Махафи, потпретседател на Центарот за претседателство и Конгрес во Вашингтон, зборува за улогата на претседателската функција и последиците од изјавите на претседателите

Одлуката за помилување на претседателот Ѓорге Иванов ќе се одрази врз институцијата претседател, но и врз односите со другите држави, вели Ден Махафи, потпретседател на Центарот за претседателство и Конгрес во Вашингтон.

Според него, претседателот треба да ја користи таа моќ за да ги штити граѓаните од неправда, а не за членови на политички партии, служејќи им само на партиските интереси.

„Кога ќе видите дека претседателот презема чекори, кои се повеќе политички отколку претседателски, тоа и кај соседните држави и кај сојузниците, ја разнишува довербата во цврстината на таа демократија и нејзиниот пат. Тоа покренува прашања дали претседателот е независен од партијата, и дали е заинтересиран за одлуките за надворешна политика, ако тие се спротивни на ставовите на политичката партија“, вели тој.

Махафи објаснува дека пред секој јавен настап и говор, претседателот мора да научи како да зборува, но и да ја разбере пораката што сака да ја пренесе, за да избегне емоции кои одат на штета на државата.

„Линијата е тенка да бидете емотивен, да допрете до луѓето и да ги разберете нивните чувства, наспроти премногу политизирани, националистички и други негативни чувства, се` со цел да се придобие јавноста или вниманието од медиумите“, изјави тој.

Махафи набројува кои карактеритики треба да ги поседува секој претседател, особено кога се работи за водач на млада демократија, како Македонија: искреност, пристојност, да не ја гледа личноста од друга политичка партија како непријател, да развие способност за директна комуникација со луѓето, и да се однесува како глас на нацијата, издигнувајќи се над улогата како член на политичка партија.

„Претседател на помлада демократија има можност да воспостави многу важни преседани. Џорџ Вашингтон, на пример, постави многу преседани и сакаше да биде претседател само два мандата, а не да биде крал, монарх или вечен претседател, како во некои други држави. Тој веруваше дека претседателот е над политичките дебати и политичките партии“, рече тој.

Повикувајќи се на примери од американската историјата, Махафи порачува:

„Претседателот, вклучително и македонскиот, важно е да го разбере влијанието што го има за иднината на државата. Шефот на дражавата е повеќе од само одраз на политичка страна или политичка партија“, смета Махафи.

XS
SM
MD
LG