Линкови за пристапност

Анализа: Дебатата Клинтон-Трамп не откри ништо ново


Според анкетите, американските гласачи сметаат дека во тв-дуелот победила Хилари Клинтон, но не забележале промени во ставовите кај двајцата кандидати.

Хилари Клинтон и Доналд Трамп веќе со месеци пред своите симпатизери ги образложуваат плановите за насоките на државата, предизвикувајќи меѓусебни критики. Во понеделникот, преку дебатата, потенцијалните гласачи можеа одблизу да ги слушнат и видат кандидатите.

Трамп порекнуваше дека ја поддржува војната во Ирак, ја обвинуваше Клинтон за подем на Исламската држава и за тврдењето дека тој нема план како би ја поразил милитантната организација. Тој повторно го постави прашањето дали Клинтон поседува енергија и издржливост за да биде претседателка. Клинтон пак истакна дека Трамп нема темперамент за функцијата. Демократската кандидатка подвлече дека економскиот план на Трамп ќе биде од корист на богатите, додека тој возврати дека богатите ќе креираат работни места за средната класа.

„Сметам дека она што го видовме, беше Трамп каков што сме го виделе досега и Клинтон, каква што сме ја виделе досега, така што повеќето гласачи ќе го имаат истиот материјал што го имаа претходно и веројатно тоа нема многу да се промени“, изјави Ханс Ноел, вонреден професор за владини прашања на Универзитетот Џорџтаун.

Ноел за Гласот на Америка изјави дека очекувал Трамп да ги смени работите и да биде поумерен, како што стори републиканецот Мит Ромни во 2012-та година, додека другите очекувале Клинтон да биде фокусирана во ставовите што ги презентира, а не да се вклучува во конфронтација со Трамп. Но, според Ноел, за време на дебатата, ништо од тоа не се случило.

Според неколку анкети, како онаа на тв-мрежата ЦНН и Испитување на јавната политика, Клинтон е победник на синоќешната дебата. За сличен резултат, или 68 проценти за Клинтон и 32 процента за Трамп, јавува и „Токвокер“, компанија што врши мониторинг на социјалните мрежи.

Кари Ковингтон, вонреден професор по политички науки на Универзитетот Ајова, кажа дека Трамп бил „мошне наметлив“, додека Клинтон изгедала „посмирено и во контрола на ситуацијата“.

Ковингтон истакна дека претседателите треба да бидат подготвени за секое прашање што се однесува на националните интереси и дека за време на дебатата Клинтон „имала подобри резултати во најмала рака истакнувајќи ги своите достигнувања“. Овде е вклучено, вели тој, и прашањето за нејзината употреба на службената адреса за лична коресподенција додека била државна секретарка. Тоа предизвика огромна критика, а активностите таа повторно ги нарече „грешка“.

Не е изненадување дека обата кандидата се задоволни од синоќешниот настап. Клинтон кажа дека се чувствува одлично по дебатата, а Трамп себеси се прогласи за победник.

„Целта на Трамп е да ја претекне Клинтон. Тоа е многу потешка задача. Тоа значи неопределените или гласачите наклонети кон Клинтон да се приклучат на негова страна. Сметам дека во тоа немаше голем успех, но е потешка цел споредено со онаа на Клинтон“, истакна Ковингтон. „Хилари Клинтон требаше да ги разубеди гласачите коишто не сакаат да гласаат за Трамп, дека таа е прифатлива, дека веќе води во трката. Клинтон успеа да остави таков впечаток“.

XS
SM
MD
LG