Линкови за пристапност

Иванов ја повлече аболицијата за 22 лица, постапката за импичментот продолжува


Останатите, кои беа опфатени со актот за аболиција на 56 лица, ќе можат да поднесат лични барања за поништување на одлуките за помилување

Претседателот Ѓорге Иванов ја повлече аболицијата за 22 лица, од 56 што ги помилува пред еден месец.

На вонредно обраќање, Иванов рече дека тие се политички експонирани лица, додека останатите ќе можат да поднесат лични барања за поништување на одлуките за помилување.

„ Во согласност со Законот за дополнување на Законот за помилување, донесов одлука за поништување на одлуките за помилување, односно ослободување од гонење, без спроведување на постапка за сите политички експонирани лица, вкупно 22. Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот. Ниту еден политичар не е недопирлив. Напротив, секој ќе одговара за своите постапки. Сакам да потенцирам дека искрено верував и сѐ уште верувам дека одлуката за помилување беше најдобрата можност за излез од политичката криза“, изјави Иванов.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) непосредно пред неговото обраќање, за Гласот на Америка, изјави дека нема да се повлече од одлуката да ја поддржи постапката за утврдување одговорност на Иванов.

На прашањето на Гласот на Америка, дали партијата ќе го поддржи импичментот на Иванов или ќе донесе друга одлука, пратеникот од ДУИ Артан Груби кусо одговори:

„Нема промена во ставот“.

Социјалдемократскиот сојуз ни изјави дека партијата останува на барањето за поништување на, како што вели, срамната одлука за аболиција.

“СДСМ останува на барањето принципиелно и во целосот да се поништи срамната аболиција за да има какви било разговори натаму околу сите други отворени прашања. Доколку ВМРО-ДПМНЕ гласа против импичментот, уште еднаш ќе потврди дека крминалната аболиција е нарачана од партијата“, изјави за Гласот на Америка Љупчо Николовски, шеф на кабинетот на претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Тој додаде дека може да се очекуваат нови партиски одлуки по повлекувањето на аболицијата за 22 лица.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе гласа против импичментот на Иванов оти неговата одлука за помилување не е спротивна на Уставот.

Денес треба да се формира Собраниска комисија за предлог за импичмент на Иванов, која, пак, за седум дена ќе треба да направи извештај дали постои основа опозицијата да покрене постапка за утврдување на одговорност на претседателот.

Ако пратениците го изгласаат предлогот, него ќе го разгледува и Уставниот суд.

XS
SM
MD
LG