Линкови за пристапност

Сиромаштијата и донесувањето одлуки


Како да сиромаштијата само по себе да не е доволно тешка, нова студија сугерира дека таа го попречува и мозокот да носи важни одлуки .

Поранешни студии нашле дека сиромашните поверојатно е дека нема да се грижат за своето здравје, дека ќе ја влошат нивната финансиска ситуација и дека помалку ќе обрнуваат внимание на нивните деца отколку побогатите, што заедно придонесува да имаат мали шанси за избегнување на сиромаштијата.

Но до сега има малку истражување за тоа зошто сиромашните донесуваат одлуки што уште повеќе го отежнуваат нивниот живот.

Елдар Шафир е психолог од Универзитетот Принстон. Тој со тим колеги извел два различни експеримента, еден во трговски центар во населба во Њу Џерси, а друг меѓу одгледувачи на шеќерни репки во рурална Индија.

Во Њу Џерси на лица со средни и ниски приходи им било поставено прашање што би сториле ако автомобилот им е расипан. Потоа била тестирана когнитивната функција, како избирање која форма припаѓа на шема од такви прикази.

Им биле дадени две сценарија. Првото, поправката на возилото да чини 150 долари, не многу пријатна, но сума што просечен купувач во споменатиот трговски центар би можел да си ја дозволи. Второто сценарио вклучувало сума од 1.500 долари.

„Најдовме дека во случаите кога финансиското сценарио не беше толку тешко, сиромашните и богатите одговараат еднакво добро на когнитивните тестови“, вели Шафир.

Но кога ситуацијата е променета, и резултатите се промениле.

„Штом им го претставивме финансиски покомплицираниот проблем, сиромашните покажаа значително полоши резултати“, вели Шафир.

Тие во просек загубиле околу 13 поени на индексот на интелегенцијата, што е речиси исто влијание на функционалноста на мозокот како кога не спиете цела ноќ.

Но, научниците се обиделе да дознаат дали би виделе исто влијание на истражувањето, надвор од контролирана средина како што бил трговскиот центар во Њу Џерси. Тие сакале да дознаат дали истото лице одговара различно кога било богато и кога било сиромашно.

Овде на сцена доаѓаат одгледувачите на шеќерни репки. Поголемиот дел од приходот од годината овие луѓе го добиваат одеднаш, за време на сезоната на жетва. Но парите не им траат во текот на целата година. Тие практично се богателе веднаш по жетвата, а се сиромашни непосредно пред жетвата.

Научниците им дале тестови за когнитивна функција слични на оние дадени на испитаниците од Њу Џерси. Ги тестирале пред и после жетвата.

Резултатите – мошне слични на посетителите на трговскиот центар. Реагирале побавно и правеле многу грешки кога биле сиромашни, отколку кога биле побогати.

Шафир вели дека овие резултати практично се совпаѓаат со истражувањата стари половина век, а кои покажуваат дека сите ние имаме ограничен ментален опсег за да се посветиме на сето она што ни го носи животот.

Еден експеримент покажал дека со волјата потребна да се даде отпор на неодоливо чоколадо се отежнало на луѓето потоа да ги контролираат своите емоции или да изведуваат тешки ментални задачи.

Овде има и порака до оние кои креираат политика, смета Шафир.

„Ако сакате да им помогнете на сиромашните, дајте им поголема способност да се справат со секојдневните проблеми“, вели тој. А тоа значи - поголема достапност до програмите за помош и намалување на бирократски препреки. Ако тие програми можат да се користат тогаш кога на луѓето им требаат, се ослободува дел од менталниот капацитет што на сиромашните им е потребен да најдат начин да напреднат во животот.

Студијата за влијанието на сиромаштијата врз донесување на животните одлуки е објавена во најновото издание на журналот „Наука“.
XS
SM
MD
LG