Линкови за пристапност

Тетово урива рекорди во загадување


Концентрацијата на ПМ10 честичките во Тетово е толкава што го прави овој град еден од најзагадените во светот.

„У Тетоо поголема е веројатноста да преживиш ако престанеш да дишиш него ако дишиш!”

Ова е еден од коментарите на Дамир Незири, активист од Тетово, кој често се шегува на своја сметка, но и на сметка на своите сограѓани, кои деновиве се среде нов бран на екстремна загаденост во воздухот.

Незири е познат на социјалните мрежи и по неговите прозивки на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, на која често пати и` посакува „Добро утро” со најновите индекси на загаденост во градот. За Гласот на Америка на македонски јазик, зборувајќи преку Скајп, тој кажа дека неговите јавни сатирични забелешки се одлика на она што Тетовчани го говорат меѓу себе на дневна основа кога ќе се сретнат на улица, во кафеана или продавница, но не и јавно.

„Ова не се проблеми кои ме тангираат само мене, ова се проблеми кои ги тангираат сите граѓани на Тетово, без разлика на нивната етничка, религиска или партиска припадност. Она што ме радува, што и беше мојата цел, е да се поттикнат граѓаните да говорат јавно за проблемите и тоа се повеќе се случува”, вели Незири.

Градоначалничката не одговара на јавните прозивки, но тој вели – не ни очекува.

„Главната цел ми е да ги поттикнам граѓаните да бараат одговори. Јас не велам дека градоначалничката може да ги реши сите проблеми. Но она што сакам да го видам како граѓанин на Тетово е дека градоначалничката пробува да најде решение на проблемите. Дека се вклучува и прави иницијатива за решавање на проблемите, што е нешто што не го гледам сега за сега, но се надевам дека ќе следи во следниот период”, смета Незири.

Неодамна во градот беа измерени дури 915 микрограми ПМ10 честички на метар кубен. Максимално дозволената граница во Европската унија е 50 микрограми на метар кубен.

Веса Палоши Букла, претседателка на Друштвото на екологисти во Тетово, исто така преку Скајп, ни кажа дека градот урива рекорди во загадување на многу светски индекси за мерење на воздухот.

„Деновиве е многу тешко да се дише во градот. Веќе се забележува дека освен за некоја специфична работа, граѓаните не одат слободно да се шетаат низ градот. Причината за тоа нормално се ПМ10 честичките кои се таложат моментално во кои се на највисоко ниво. Ова е потврдено од многу индекси на мерење на воздухот, како на пример според страницата Нумбео каде Тетово се најде на прво место на листата на најзагадени градови во светот. Деновиве имавме неколку пати повеќе ПМ10 честички во воздухот од другите градови на листата”, вели Палоши Букла.

Причини за големото загадување во Тетово има многу. Најчесто се посочува на дивата депонија на самиот влез на градот, фабриката Југохром и бројот на возила.

“Она што нас ни недостасува во моментот е длабинска и експертска анализа која ќе покаже кои се загадувачите и ќе даде насоки како истото треба да се третира”, смета активистот Незири и додава дека на Тетово му е потребно системско и долгорочно решение за загадувањето.

Но такво решение засега не доаѓа од општината Тетово. На нашите обиди да добиеме коментар од надлежните, тие не одговорија.

XS
SM
MD
LG