Линкови за пристапност

Анкета: Македонија се движи во погрешна насока

  • Синиша Станковиќ

Седум од десет испитаници сметаат дека економската состојба во Македонија денес е лоша, а дури 80 проценти од анкетираните, и етнички Македонци и етнички Албанци, сметаат дека на економски план, подобро се живеелео во некогашна Југославија.

Дури 67,6 проценти анкетирани граѓани сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока, и нивниот број за само четири месеци пораснал за 15,6 проценти. Кај етничките Албанци тој процент е значително повисок - 86%, а кај етничките Македонци изнесува 60%. Ова се само дел од резултатите на најновата анкета за испитување на јавното мислење, која од 2 до 8 мај за весникот Дневник ја спроведе агенцијата Рејтинг, врз репрезентативен примерок од 1.560 граѓани.

Скептичниот став на испитаниците за насоката во која се движи државата се заснова на нивните оценки за економската програма на Владата, за стоењето во место во поглед на евроатлантските интеграции и на решавањето на спорот за името, но и за безбедноснаата ситуација во Македонија.

Мнозинство од анкетираните стравуваат од можноста за избивање на нов меѓуетнички судир. 58 проценти од етничките Македонци и 42 проценти од етничките Албанци сметаат дека е голем ризикот од нов меѓуетнички конфликт. Дури 53 проценти од граѓаните изјавиле дека не се чувствуваат безбедно во својата држава, а на прашањето за квалитетот на меѓуетничките односи, половината анкетирани одговориле дека тие се лоши, наспроти само 15-те проценти кои ги оцениле како добри.

Разликите меѓу етничките Македонци и етничките Албанци се особено изразени во поглед на надворешната политка на актуелната Влада, зашто, додека 39 отсто етнички Македонци не ја одбруваат, дури 58 проценти ја одобруваат надворешната политика која, според нив, е подготвена за исполнување на сите услови за членство во НАТО и во ЕУ, но со зачувување на уставното името и идентитетот: Од друга страна, дури 70 проценти од етничките Албанци не ја одобруваат надворешната политика на актуелната власт, а само 29 проценти сметаат дека таа е добра.. .

На економски план, седум од десет испитаници сметаат дека економската состојба во Македонија денес е лоша! За 34,1 проценти е многу лоша, а за 37,5 проценти - главно лоша, додека занемарливи, само 2 процента ја сметаат економската состојба за добра. Дури 80 проценти од испитаниците, сметаат дека квалитетот на животот во Македонија денес е полош од периодот на СФР Југославија, при што, како што збележуваат новинарите на Дневник, „на ова прашање речиси постои консензус меѓу анкетираните Македонци и Албанци“. Во поглед на (не)одобрувањето на економската политика на Владата, 35,2 проценти од испитаниците воопшто не ја одобруваат, 20,3 проценти - главно не ја одобруваат, а 11,7 проценти - целосно ја одобруваат.

На оваа анкета рејтингот на опозиционата СДСМ (18,6 проценти) се доближи до рејтингот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ (22,1 отсто), но анкетираните се скептични дека опозицијата и со обединување би ги зголемила своите шанси на следните избори, како и дека евентуалната нова влада на СДСМ успешно би ги решила економските проблеми на Македонија.

Засега, нема реакции од политичките субјекти на резултатите на најновата анкета, но во една од првите медиумски реакции, коментаторот на Утрински весник, Ерол Ризаов, за огромното мнозинство граѓани кои изјавиле дека во економски поглед, живеачката била подбра во претходната држава, денес напиша: „Оваа тема веќе не е само за политичарите, социолозите, психолозите и аналитичарите. Колку од ова е плод на носталгија, разочараност од новиот систем, колку е дел од изгубените надежи за поубав и подобар живот, за поголема слобода и сигурност, демократија, правна држава, почиста човекова околина..., тешко е да се прeсуди само од една анкета. Но, едно е сигурно, таквото чувство е присутно и како револт и своевиден протест за големите изневерени очекувања“.

XS
SM
MD
LG