Линкови за пристапност

Загриженост во реакциите од странство за политичката ситуација во Македонија


ОН ги истакнуваат импликациите по човековите права. ОМД бара интензивен дијалог од власта и опозицијата, вели најголем губитник во ситуацијата е Македонија

Сесил Пуили, портпаролката на Високиот комесар за човекови права на ОН, изрази длабока загриженост за „натамошниот политички ќорсокак во Македонија и импликациите од него по човековите права“.

„Особено не` тревожи содржината на неодамна објавените снимени разговори коишто навидум инкриминираат виши официјални лица во бројни наводни кршења на човековите права, меѓу што и изборна измама, притисоци врз граѓанското оптество и членови на опозицијата, мешање во судството и масовните медиуми, како и масовно прислушување. Загрижени сме и за обвинението за шпионажа против водачот на најголемата опозициска партија“, наведува Пуили.

Најавувајќи дека е подготвена да даде помош, Канцеларијата на комесарот за човекови права на ОН побара да се почитуваат меѓународните стандарди на праведно судење и навремен процес.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), пак, ги повика и власта, и опозицијата да работат на решавање на кризата.

„Најголем губитник од оваа ситуација е Македонија и македонскиот народ, и затоа бараме да се стави националниот интерес над партискиот со цел да се врати нормално функционирање на државните установи“, стои во соопштението на ОМД.

Организацијата бара од истражните органи и судството да ја истражат валидноста на снимките и нивните импликации и смета дека мора да има последици за лицата поврзани со нив, доколку се утврди дека го прекршиле законот. Истовремено, организацијата ја повика опозицијата да се врати во Собранието, водејќи се од идејата дека демократијата е најсилниот двигател напред на едно општество, а Собранието нејзин дом и местото за решавање на кризата.

„Оваа ситуација го повредува меѓународниот углед на државата и е голем тест за политичката зрелост на Република Македонија. Веруваме дека државата и политичарите ќе бидат одлучни, несебични во покажување храброст за иднината на државата“, заклучува Обединетата македонска дијаспора.

XS
SM
MD
LG