Линкови за пристапност

До петок договорените законски измени во Собрание


Предложени се промени на Законите за аудовизуелни услуги, за внатрешни работи, за влада, за кривична постапка, како и Изборниот законик

Најдоцна до петок преостанатите законски измени, кои се дел од политичкиот договор што четирите партии го постигнаа мината седмица, ќе се најдат во Собранието.

Станува збор за предлози за промени на пет Закони за аудовизуелни услуги, за внатрешни работи, за влада, за кривична постапка, како и Изборниот законик.

Со нив се опфатени некои од најчувствителните прашања, клучни за фер и демократски изборен процес, како што се избалансираното медиумско известување и ингеренциите што ќе ги има идниот министер за внатрешни работи, во преодната влада задолжена за спроведување на изборите.

На финализирање и прецизирање на текстовите на предлог-измените, партиските работни групи вчера поминаа пет часа во Министерството за правда.

„Битно е дека сме усогласени и дека текстовите на измените ќе бидат пратени во Собранието што е можно поскоро, и очекувам да добијат поддршка од пратениците“, изјави Никола Тододоров, претставникот на ВМРО-ДПМНЕ во разговорите.

Опозицијата смета дека предлозите на посредникот Питер Ванхауте за медиумите, изнесени пред неколку месеци, нуделе поквалитетни и посистемски решенија од актуелните усвоени во последниот договор.

Сега се предвидува формирање петчлена комисија со широки овластувања, која ќе го следи медиумското известување во предизборието.

„Беше многу важно да дефинираме на кој начин ќе дојдеме до оваа ад-хок комисија и кои членови таа ќе ги оценува дали се прекршени или не. Имаше потреба од неколку детали за кои имаше различни политички гледања“, вели Радмила Шеќеринска, претставник на СДСМ во разговорите.

До 31-ви август лидерите на четирите политички партии ќе оценат дали договореното е имплементирано, од што ќе зависи и одлуката за одржување предвремени избори.

Ако тие се закажат за 2016-та година, новата влада, која ќе го следи договорот од Пржино, ќе биде изгласана 100 дена пред договорениот ден на изборите.

XS
SM
MD
LG