Линкови за пристапност

Тркалезна маса во Вашингтон - „Енергетските грижи и можности во Југоисточна Европа по Г7“


Македонија да се откаже од гасоводот „Јужен поток“ и да се ориентира кон гасот од Азербејџан, велат стручњаците.

Од: Милена Ѓорѓиевска

Претседателот на Обединетата македонска дијаспора Мето Колоски, по најавата на учесниците на тркалезната маса, подвлече дека САД треба да имаат поактивна улога во изградбата на енергетска инфраструктура на Балканот.

Маргарита Асенова од фондацијата „Џејмстаун“ мисли дека балканските држави треба да се ослободат од рускиот монопол и да се насочат кон алтернативни снабдувачи.

„Најдобро решение за Македонија е повеќе да не се занимава со Јужен поток. Практично би требало да го погребеме, особено по санкциите на САД кон банката на руската енергетска компанија Газпром. Тој проект нема шанси да биде финансиран. Дури и да биде финансиран, ако Европската Комисија не го одобри, ниту една европска банка нема да вложи пари во него“, истакна Асенова.

Таа препорачува Македонија да почне да преговара со Азербејџан за да се вклучи во Трансјадранскиот гасовод (ТАП) од каде може да земе една милијарда кубни метри гас, колку што вели дека и` се неопходни.

„Целото тоа количество може да го повлече од Каспиското Море, нема потреба да разговара со Русија по ова прашање“, порача Асенова.

Рауф Мамадов, директор на државната азербејџанска нафтена компанија СОКАР вели дека Јужниот коридор е предвиден да испорачува гас во јужна Европа, но со можност да се прошири и кон север, вклучувајќи ја и Македонија.

„Сите балкански држави може да имаат корист од овој гасовод, особено што сега зависат од еден извор“, изјави овој експерт.

Ја нагласува американската поддршка за енерегетската инфраструктура.

„Ние веќе добивме помош од САД за Јужниот коридор, но многу е важно да се зајакне регулативата на Европската унија и да се подобри инфраструктурата, а САД можат да и` дадат препорака на Унијата како тоа да се направи“, вели тој.

Според писмената изјава на Патрик Вентрел од Канцеларијата за односи со печат на Стејт департментот, Јужниот коридор ќе обезбеди нов извор на гас за Европа, цел што САД силно ја поддржуваат од аспект на енергетската разновидност.

Трансјадранскиот гасовод треба да почне да испорачува до крајот на оваа деценија. Во должина од 870 километри треба да се поврзе со Трансанадолскиот гасовод ТАНАП во близина на турско-грчката граница кај Кипои, а би минувал преку териториите на Грција, Албанија, па под Јадранското Море, се` до Италија.

Според стручњаците, рускиот гасоводен проект нема да успее поради финансиски проблеми, а Македонија може да остане без гас доколку навреме не се повлече.

Проектот „Јужен поток“ е замислен да оди од Русија, преку Црното Море и Балканот, до Западна Европа.

XS
SM
MD
LG