Линкови за пристапност

Пенс најави силна поддршка за НАТО


Потпретседателот на САД, на средбата со генералниот секретар на НАТО во Брисел, изјави дека САД ќе ги зголемат средствата за одбрана

Американскиот потпретседател Мајк Пенс изрази силна поддршка за НАТО, но рече дека на многу од европските држави „се`уште им недостига јасен и кредибилен пат“ кон зголемување на нивните средства за одбрана, со цел да платат за седум децении старото партнерство.

Во седиштето на НАТО во Брисел, Пенс изјави дека само САД и уште четири други држави, меѓу 28-те членки на Алијансата, ја исполнуваат нивната обврска да издвојат два процента од нивните економии за одбрана.

„Планираме да ги зголемиме средствата за одбрана. Америка ќе ја исполни нејзината обврска“, рече Пенс.

Тој доби поддршка од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

„Целосно ја поддржувам важноста на поделба на трошоците. Добрата вест е дека се движиме во таа насока“, изјави Столтенберг.

Тој рече дека Германија, со најголема економија во Европа, ги зголемила средствата за одбрана, и оти некои други држави, меѓу кои Латвија, Литванија и Романија брзо ќе можат да го исполнат условот од два процента.

Петорката која веќе троши два отсто за одбрана ја сочинуваат Грција, Полска, Естонија, Британија и САД.

„Навистина постигнуваме напредок“, рече Столтенберг.

Пенс претходно изјави дека САД „ќе продолжат да ја држат Русија одговорна“, но претседателот Доналд Трамп нареди да се бараат начини за „нова заедничка подлога со Русија“.

Ова го изјави во Брисел, во присуство на претседателот на Советот на Европската унија Доналд Туск.

„Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите во Полска и Балтичките држави преку НАТО, а што се однесува до Украина, САД ќе продолжат да ја држат Русија одговорна, како и да бараат од неа да го почитува Договорот од Минск, почнувајќи со намалување на насилството во источна Украина“, рече Пенс.

Потпретседателот не кажа никакви детали за потенцијални поблиски односи со Русија, велејќи дека единствено Трамп верува дека можат да се најдат.

Ова е прво патување на Пенс, по заземање на функцијата, со цел да ги осигура сојузниците дека САД остануваат лојален пријател, по загриженоста од стратегијата на новата администрација „Америка прва“.

Туск изјави дека состанокот бил навистина потребен, и оти слушнал од Пенс ветувачки зборови за иднината и пристапот на администрацијата на Трамп.

Пенс разговараше и со шефот за надворешна политика на Европската унија Федерика Могерини, која на Твитер напиша дека „имале одличен состанок, добра основа за нашата соработка“.

XS
SM
MD
LG