Линкови за пристапност

СДСМ не се враќа во Собранието до 8-ми октомври

  • Борјан Јовановски

Партијата реагира на пораката што претседателот Вељаноски ја упати до неа за време на викендот.

Пратениците од опозицијата не ги прифатија пратеничките мандати и не учествуваат во работата на Собранието се` додека не се создадат услови за враќање на демократијата и одржување на фер и демократски избори, кажа на денешната прес-конференција Рената Дескоска, пратеничка од СДСМ.


„Оставките на пратениците од опозицијата се депонирани пред четири месеци во Собранието, откако Трајко Велјаноски и власта насилно ги верификуваа нивните мандати. Оставките се кај него и нека престане да се заканува и поставува ултиматуми. Ние, пратениците од опозицијата му укажуваме на Велјаноски дека не мора да чека до 8-ми октомври, може кога сака да ги верификува нашите оставки“, изјави Дескоска, реагирајќи на пораката што претседателот на Собранието ја упати до СДСМ за време на викендот, барајќи од опозиционерите да се вратат во Собранието до наведениот датум.

„Јас неколкупати јавно истакнав дека нема да ја продолжам седницата на Собранието на која на дневен ред се оставките на пратенците на СДСМ со цел да дадам простор на дијалогот помеѓу ВМРО-ДМНЕ и СДСМ. Но, воедно истакнав дека тоа одлагање нема да трае бесконечно. Знаете дека на 8-ми октомври треба да биде објавен Извештајот на Европската комисија, во кој верувам дека Македонија и по шести пат ќе добие препорака за добивање на датум за започнување на преговорите со ЕУ. Ако опозицијата не се врати во Парламентот и ако го условуваат политичкиот дијалог со апсурди и пред сé недемократски барања, како што е техничка влада и нови избори, јас ќе свикам продолжување на седницата на која се оставките на пратениците од СДСМ“, изјави Вељаноски.

Во меѓувреме, пратеникот Илија Димовски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ изјави дека не се исклучува можноста да бидат распишани избори за испразнетите места во Собранието ако опозицијата остане на одлуката да биде надвор од него.

„Времето ќе покаже дали изборите ќе се распишат само за испразнетите 31-но пратеничко место или пак за нови 123. Уставните рокови течат, мора да се стави крај на политичката криза. Нема простор за калкулации. Собранието ќе биде доведено до ѕид, не би посакал оваа политичка криза да заврши на таков начин, секој носи своја одговорност“, рече Димовски за ТВ Телма.

Политичката криза, настаната по одржувањето на предвремените парламентарни избори поради забелешките на СДСМ за начинот на кој се спроведе изборниот процес, треба да се надмине во директни разговори меѓу двете најголеми партии. СДСМ бара една од темите да биде формирање на техничка влада што ќе организира нови предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја отфрли можноста да се разговара за тоа, по што разговорите западнаа во ќор сокак.

XS
SM
MD
LG