Линкови за пристапност

Американските законодавци прашуваат колку знаел Пакистан за скривалиштето на бин Ладен


Американските законодавци прашуваат колку знаел Пакистан за скривалиштето на бин Ладен

Американските законодавци прашуваат колку знаел Пакистан за скривалиштето на бин Ладен

Американските законодавци прашуваат како терористичкиот лидер на ал-Каида, Осама бин Ладен, можел да живее во заштитена резиденција во пакистански град шест години без членови на пакистанската влада, разузнавањето или армијата да бидат свесна за тоа. Некои законодавци велат дека американско-пакистанските односи се на крстопат.

Директорот на Централната разузнавачка агенција Лион Панета зад затворени врати ги брифираше членовите на Конгресот во вторник за детали од акцијата на единицата на Navy SEAL која довела до убивање на Осама бин Ладен. По брифингот, претседателот на комисијата за домашна безбедност на Претставничкиот дом, Питер Кинг, републиканец од Њујорк, на новинарите им кажа дека администрацијата на Обама и Конгресот треба да го преиспитаат односот на Вашингтон со Пакистан.

Конгресменот Кинг кажа дека односот бил проблематичен и пред тоа, но дека сега дошол на крстопат.

„Ова е очигледно многу важен однос, но тој однос се промени, мислам од недела наваму. Така, ова ќе биде дел од преговорите, меѓу Пакистан, администрацијата на Обама и Конгресот“, вели Кинг.

Други законодавци го поставуваат истото прашање за тоа што знаела пакистанската влада за скривалиштето на бин Ладен. На претходно закажан распит на Комисијата за домашна безбедност во вторник за заканите за САД што произлегуваат од Пакистан, Џеки Спиер, демократ од Калифорнија, вака тоа го постави:

„Бин Ладен не беше најден во пештера, неговата резиденција беше на помалку од две милји од елитна воена академија на пакистанската армија. Сега мора да го поставиме прашањето како тој успеал да се крие пред очи на сите сето тоа време“.

Републиканецот Патрик Михан од Пенсилванија праша дали фактот што бин Ладен бил засолнет таму шест години индицира поделена лојалност или соучесништво меѓу некои членови на пакистанската армија или разузнавачки служби.

Еден од стручњаците присутни на распитот, Сет Џонс, виш политички соработник во Корпорацијата Ранд, кажа дека во деновите непосредно по 11 септември 2001, пакистанските власти направија апсења од висок профил на лидери на ал-Каида во урбани области, вклучувајќи го наводниот осмислувач на нападите, Калид Шеик Мохамед. Но тој кажа дека тие апсења во голема мерка се намалиле последните години.

„Дали имало соучесништво или некомпетентност, во најмала рака немало висок приоритет во целење на високи лидери на ал-Каида во Пакистан“, кажа Џонс.

Некои законодавци прашаа дали други високи лидери на ал-Каида може исто така да се засолнети во Пакистан. Стручњаци за национална безбедност на распитот се согласија дека американските релации со Пакистан се витални за двете држави, и тие велат дека двете треба да бидат искрени едни со други во иднина, најмалку барем кога се зад затворени врати.

XS
SM
MD
LG