Линкови за пристапност

Турските власти наредија откопување на телото на поранешниот претседател Тургут Озал, за истрага по неговата смрт од 1993-та.

Раководителот на Одделот за вештачење во Истамбул, Халук Инс, кажа дека е во тек темелна истрага за смртта на турскиот лидер во 1993-та.

„Ќе бидат испитувани парчиња коски и друго ткиво, за да се утврди дали имало трауматски или патолошки елементи. Потоа ќе се земат примероци за токсиколошка анализа вклучително од почвата околу гробот“, изјави овој експерт.

Тој додаде дека неговиот тим ќе стори најдобро што може, знаејќи дека времето е ограничено. Според него, резултатите би требало да бидат готови за околу два месеца.

Ископувањето уследи по официјалниот извештај во јуни годинава во кој се заклучува дека смртта на Озал е сомнителна. Неговата сопруга Семра Озал беше најгласна во барањето за преиспитување.

Таа вели дека верува оти нејзиниот сопруг бил отруен од, како што вели, отров што наликува на временска бомба. Таа не била присутна кога нејзиниот сопруг испил чаша лимонада...

По смртта не била извршена обдукција на телото на Тургут Озал. Надлежните велат дека го сториле тоа од почит на членовите на семејството, тврдење што подоцна семејството го негирало.

Претседателот Озал се смета за една од најважните политички фигури во Турција, најпрво како премиер, а потоа како лидер на оваа земја. Бил на чело на Турција во ерата на армиското владеење по државниот удар во 1980-та година. Тој предизвикуваше бројни своевремено влијателни генерали, кои експертите велат дека му станале опасни непријатели.

Потоа уследиле уште неколку обиди за атентат врз овој харизматичен лидер кој се обидел да премине и преку други политички табу-теми. Периодот околу неговата смрт Озал барал да отпочни отворени разговори со Курдската бунтовничка група (ПКК). Тој се смета за одговорен за либерализација на турската економија, чекор за кој се верува дека ја поставил основата на актуелниот еконмски растеж на Турција.

Критиката, од друга страна, го обвинува за корупција за време на неговата администрација.

Истрагата е во тек и како што велат експертите резултатите се очекува да разрешат една од најголемите политички мистерии во оваа земја.
XS
SM
MD
LG