Линкови за пристапност

Руски власти: Над 750 повредени од метеор


Од снимката на метеорот направена од автомобил, објавена во рускиот весник Наша газета.
Од снимката на метеорот направена од автомобил, објавена во рускиот весник Наша газета.

Петокот наутро минал над Уралските Планини во Чељабинската област, предизвикувајќи експлозии и кршејќи прозорци.

Руските власти соопштија дека метеор петокот наутро минал над Уралските Планини во Чељабинската област, предизвикувајќи експлозии и кршејќи прозорци, при што биле повредени над 750 лица, повеќето од скршеното стакло.

Локални официјални лица велат дека бил оштетен еден од ѕидовите и покривот на фабриката за цинк во градот Чељабинск. Според Владмир Степанов од руската управа за вонредни ситуации, на теренот се нејзини екипи кои ја истражуваат ситуацијата.

„Сите сили и капацитети за вонредни ситуации се во состојба на зголемена готовност. Тоа се околу 20.000 лица кои започнаа истрага во областа и ја разгледуваат ситуацијата. До 10:30 часот утврдивме дека радијацијата во областа е нормална. Функционираат системите и структурите во енергетиката, комуникациите,транспортот и одржувањето на животот“, изјави Степанов.

Властите велат дека мрежите на мобилни телефони работат, но со повремени прекини.

Метеорот се појави само неколку часа пред денешното минување на астероидот означен како 2012 ДА14 на мошне блиско растојание од Земјата. НАСА соопшти дека 45-метарскиот астероид ќе мине на само 27.000 километри од нашата планета, но агенцијата инсистира дека не постои опасност тој да ја погоди земјата.

Европската вселенска агенција преку Твитер објави дека метеорот над Русија нема никаква врска со астероидот.
XS
SM
MD
LG