Линкови за пристапност

Собранието ја констатира оставката на премиерот Груевски

  • Синиша Станковиќ

ВМРО - ДПМНЕ побара и распуштање на Парламентот за да се одржат предвремени избори на 24-ти април

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на денешната седница, на која на закажаниот дневен ред имаше само три закони, а ненадејно се појави и точка за оставката на досегашниот премиер, ја констатираше оставката на Никола Груевски, депонирана на 14 јануари и условена со датумот на одржување на изборите. Вељановски заклучи и дека престанува мандатот на целиот владин кабинет, но дека Владата останува во функција додека не биде избран нов состав.

Груевски не го искористи правото лично да ја образложи оставката, но во текот на попладнето одржа прес-конференција на која не беа дозволени новинарски прашања, а на која соопшти дека по одлуката на ИК на неговата партија за одржување на предвремени парламентарни избори токму на 24 април и Коалицијата за подобра Македонија, на чело со ВМРО ДПМНЕ, едногласно ја прифатила подготвеноста за избори на тој датум.

„Нашата држава тргна решително да се стави крај на политичката криза и да напредуваме храбро кон иднината. Ова започнува со изборите на 24-ти април!“, напиша Груевски на неговиот Фејсбук профил, по одлуката на владеачката коалиција.

А пред опозицијата да ја напушти седницата, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски, рече во Собранието дека „оставката потврдува дека Груевски бега од слободни и фер демократски избори... Граѓаните на Македонија освен фамилијата на Груевски немаат корист од одржување на избори, без претходно навремено прочистување на Избирачкиот список и без навремена регулација за слободни медиуми. Непрочистениот Избирачки список и медиумскиот мрак, Фамилијата би сакала да го користи за спас на сопствената кожа. Затоа, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не ги исполнија клучните обврски од Договорот од Пржино“.

Но, и без присуство на опозицијата, мнозинството, во кое по подолг период, како знак на поддршка на коалициониот партнер, се појави и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сепак, го усвои и предлогот за распуштање на Собранието, откако координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски предложи Собранието на седницата да гласа за распуштање кое ќе се применува од 24-ти февруари, односно 60 дена пред предложениот датум за избори од ВМРО-ДПМНЕ.

Иако пратениците од помалите партии реагираа со став дека ваквата одлука затоа е незаконска и спротивна на Уставот, ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше дека пратениците на мнозинството се „должни како Собрание да стават точка на оваа политичка криза и да им го вратат мандатот на оние на кои што им припаѓа“.

И досегашниот премиер потенцираше попладнево дека одлуката на коалицијата на власт е донесена за да се стави крај на политичката криза, но опозицицијата останува доследен на ставот што го изрече лидерот Зоран Заев при напуштањето на преговорите - дека преговорите се пропаднати и дека СДСМ нема да оди на избори „само колку тие да се одржат“.

Претставниците на меѓународната заедница, за кои дел од медиумите пред само неколку часа шпекулираа дека се подготвени за одложување на изборите за 5 јуни, не се огласија по повод одлуката на Собранието.

XS
SM
MD
LG