Линкови за пристапност

ОБСЕ: Загриженост поради цензура и притисок врз гласачи


Предизборната атмосфера генерално е мирна, со забележани изолирани инциденти, стои меѓу другото во извештајот на Набљудувачката мисија

Државната изборна комисија (ДИК) одржувала затворени седници за прашања за кои требало јавно да одлучува, вршени биле наводни притисоци врз вработени во јавна администрација, а реформите во медиумите се` уште не се договорени.

Ова се дел од забелешките на Набљудувачката мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права ОБСЕ/ОДИХР, нотирани во нејзиниот периодичен извештај пред изборите во декември.

Во извештајот се нагласува дека подготовките за изборите се во тек, а најголемиот дел од Општинските изборни комисии се оперативни.

„ДИК избриша 28.341 гласови од списокот кои не се преригистрирале. И покрај некои критики за теренските проверки, голем дел од соговорниците на ОБСЕ/ОДИХР сметаат дека довербата во Избирачкиот список е зголемена“, стои во извештајот.

ОБСЕ нагласува дека предизборната атмосфера генерално е мирна, но забележани биле изолирани инциденти и партиски притисоци.

Во однос на медиумите, пак, извештајот потенцира дека „соговорниците на ОБСЕ/ОДИХР изразија загриженост за широко застапената цензура, како резултат на политичкиот притисок врз медиумите и случаите на провокации и вербални напади врз новинарите“.

Покрај ОБСЕ/ОДИХР, изборите ги набљудуваат и граѓанските организации „Мост“ и „Цивил“.

„Мост“ најави дека ќе спроведе и паралелно броење на гласовите.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG