Линкови за пристапност

„Арго“ е најдобар филм, според американската Академија за подвижни слики во Лос Анџелес

Филм за иранската заложничка криза беше изненадувачки победник во категоријата најдобар филм при доделувањето на 85-те по ред годишни награди на Академијата, во недела навечер, во Лос Анџелес, победувајќи го филмот за борбата на 16-от американски претседател за укинување на ропството.

Очекувањата дека ќе ја добие врвната награда не беа на страната на „Арго“, каде режисер, продуцент и во главна улога беше Бен Афлек, туку кај „Линколн“ на Стивен Спилберг.

Главната награда беше соопштена од Мишел Обама во неочекувано појавување од Белата куќа. Таа рече дека номинираните филмови „не` насмеаа и не` расплакаа“.

„Арго“ исто така доби награда за филмска монтажа и најдобро адаптирано сценарио за приказната на мисија на ЦИА за спасување на шестмина дипломати од Техеран кусо време по Исламската револуција од 1979.

Победата на „Арго“ не беше единственото разочарување на вечерта. Критиката веруваше дека Спилберг ќе однесе дома и Оскар за најдобар режисер, но таа награда отиде кај Анг Ли за „Животот на Пи“.

Но ѕвездата на „Линколн“, Даниел Деј-Луис, доби награда за најдобар актер, правејќи историја со фактот дека стана единствениот маж со добиени три Оскари за најдобар актер.

Џенифер Лоренс беше именувана за најдобра актерка за нејзината улога на млада вдовица во „Прирачник – секое зло за добро“.

Ен Хатавеј доби Оскар за најдобра споредна женска улога, за „Клетници„, и австрискиот актер Кристоф Волтс за споредна машка улога, за „Џанго неокованиот“. За истиот филм, режисерот Квентин Тарантино доби награда за најдобро оригинално сценарио.

Британската пејачка Адел доби Оскар за најдобра оригинална песна за новиот филм со Џејмс Бонд, „Скајфол“.

Дејм Ширли Бејзи, која има 76 години, доби стоечки овации по пеењето на „Голдфингер“ – Џејмс Бонд тема од 1964, која ја лансираше нејзината меѓународна кариера.

Сет Мекфарлејн беше домаќин на церемонијата.
XS
SM
MD
LG