Линкови за пристапност

„Соборно радување во Господа“

  • Синиша Станковиќ

За Божиќ, верниците во православните храмови со свеќа во рака си посакаа здравје среќа, љубов, мир и благосостојба.

„При празнувањето на овој голем ден, но и на останатите празници, најважна е пред сe`, суштината на чествувањето. Целта на новиот народ Божји, на христијаните, не е распадливото привремено земно задоволство, туку небесниот, духовен и нов Ерусалим. Нашата ветена земја е Царството Божјо и затоа со вистинско духовно учество и одбележување на празниците, ние треба од ден на ден, од година во година, сe` повеќе и посигурно, да чекориме по патот на спасението. Сето ова значи и дека одредени обичаи, кои се поврзани со црковните празници и се во согласност со православното предание, треба да се чуваат и да не се забораваат, зашто претставуваат прекрасна поврзаност и со минатото, но и со соборното радување во Господа“, порача во Божиќното послание Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Со утрински божиќни литургии во сите цркви, Македонската православна црква – Охридска архиепископија денес и официјално го започна празнувањето на Божиќ, празникот на раѓањето на Исус Христос. Верниците во православните храмови со свеќа во рака си посакаа - здравје среќа, љубов, мир и благосостојба, а остварување на таквите желби им посакаа и свештениците. Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г.Стефан, ја богослужеше Златоустовата литургија.

На централното одбележување присуствуваа и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски. Иванов порача: „Сакам на сите православни христијани да им го честитам овој голем празник Рождество Христово-Божик и да си посакаме на сите многу здравје, радост, среќа, но и многу просперитет на секој поединец и на целата наша татковина... Секој кој има потреба од помош да му помогнеме и на секого да му посветиме внимание. Христос се роди, навистина се роди, за многу години!“. Вељаноски на граѓаните им посака здравје, среќа, успех, а на Република Македонија - мир, стабилност и просперитет. Груевски, пак, на граѓаните им посака многу здравје, спокојство, мир, благосостојба и нови работни места.

Во пресрет на празникот, поглаварот г.г. Стефан во божиќното интервју за Македонската информативна агенција порача дека „ставот на Светиот Синод е јасен – нема потреба од промената на календарот, од промената на досегашната црковна традиција, со која се поврзани и многу настани од нашата национална историја. Кога ќе го празнуваме Илинден, ако го смениме календарот? Затоа, повеќе ни е потребна духовната преобразба, отколку промената на календарот“.

Во поглед на отворените прашања со Српската православна црква, поглаварот потенцираше дека „проблемите треба да се решаваат со разговор, но на рамноправни соговорници, без ултиматуми и притисоци од каков и да е вид. Никој, а особено ние епископите на Црквата, не треба да излегуваме со произволни изјави и толкувања, конкретно за вакви чувствителни и важни теми. Се` треба да биде во знакот на љубовта со која Христос не ослободи“.
XS
SM
MD
LG