Линкови за пристапност

Во интерес на граѓаните


Амбасадорите на ЕУ, САД и претседателот Иванов во одвоени изјави дадоа насока како да се реши кризата во Македонија

Амбасадорите на ЕУ, САД и влијателни земји-членки на ЕУ денеска се сретнаа со премиерот на Република Македонија Никола Груевски за да добијат одговор на нивните прашања - како владата планира да се надмине актуелната криза и како да одговори на предизвиците за владеењето на правото и враќањето на кредибилитетот на институциите.

По средбата којашто траеше 2 часа, амбасадорот на ЕУ Аиво Орав порача дека најважен е интересот на граѓаните во целиот процес.

„Овој состанок беше планиран долго време, не е поврзан со вчерашните преговори и ние имаме намера да се состанеме и со останатите политички лидери колку што е можно побрзо. Денеска дискутиравме за можните решенија за излез од моменталната политичка криза и нашата клучна порака беше дека е поважен интересот на граѓаните од интересот на политичките партии. Денеска го слушнавме ставот на премиерот за начините на кои би се спротивставил на сериозните прашања околу владеење на правото и враќање на довербата во институциите“, рече Орав.

Денес во врска со актуелниот процес за надминување на политичката криза се огласи и македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Во соопштението, шефот на државата ги повика политичките водачи да работат за интересите на граѓаните.

„Дијалогот е единствениот начин преку кој се надминуваат сите предизвици. Ја поздравувам покажаната свест и волја од политичките лидери за надминување на отворените прашања. За поздравување е фактот што изминатиот период лидерите на политичките партии меѓусебно разговараат и бараат начини за надминување на актуелната политичка состојба во Република Македонија“, вели Иванов.

Тој смета дека постои оптимизам за надминување на кризата и ги повика сите учесници во политичкиот дијалог во следниот период да се однесуваат разумно и одговорно.

Иванов од нив очекува посветен, одговорен и доследен пристап кон дијалогот за да се врати политичката стабилност во Република Македонија.

„Граѓаните на Република Македонија очекуваат политичка зрелост и подготвеност за институционално решавање на сите предизвици, согласно Уставот и законите на Република Македонија. Граѓаните очекуваат резултати и одржливи решенија. Тоа го очекувам и јас“, порача македонскиот претседател.

XS
SM
MD
LG