Линкови за пристапност

„Една милијарда се крева против насилството!“


Жените од цел свет креваат глас против насилството врз нив: од собирот на Филипините, во Манила.
Жените од цел свет креваат глас против насилството врз нив: од собирот на Филипините, во Манила.

Македонија се вклучи во глобалната кампања против семејното насилство и насилство врз жените.

Во соработка со Националната мрежа против семејно насилство и насилство врз жените, организацијата ВиДеј Македонија се приклучи кон глобалната кампања „One Billlion raising” („Една милијарда се крева против насилството“), која се одвива во 197 земји и чија цел е спречување и сопирање на насилството врз жени и девојки.

Македонските активисти денес на скопскиот плоштад „Македонија“ станаа дел од масата од илјадници активисти и борци за правата на жените ширум светот, кои на улиците на светските градови, низ протестни собирања, но и преку симболичен танц, се огласија против неправдите кон жените.

Кампањата „Една милијарда се крева против насилство“ започна како повик за акција, поради поразителните статистички податоци дека секоја трета жена на планетата е злоставувана, психички силувана или тепана во текот на животот, односно дека околу милијарда жени и девојки
се жртви на насилство! Поддршка на движењето, кое го иницираше авторката на „Вагиналните монолози“ Ив Еслер, изразија и светски ѕвезди како Ен Хатавеј, Дона Каран, Џенифер Лоренс, Шарлиз Терон....

Денес во Скопје, на денот кој е
Различни делови на светот, една порака: Од одбележувањето на „Една милијарда се крева против насилството!“ во Индија, Романија и Турција
Различни делови на светот, една порака: Од одбележувањето на „Една милијарда се крева против насилството!“ во Индија, Романија и Турција
15-ти роденден на глобалната организација Видеј, организацијата ВиДеј Македонија го изрази своето незадоволство од насилството врз жените во Македонија.

„Благодарејки на невладиниот сектор, во Република Македонија во изминатата деценија се работеше исклучително многу во областа на семејното насилство. Бидејќи македонското општество е со карактеристични патријархални норми, почетокот на активизмот на, пред се`, женските невладини организации, најпрвин беше фокусиран на уривање на табуто за овој негативен социјален феномен, на препознавање и на кревање на јавната свест за истиот, па се` до носење на конкретни решенија за активни механизми за заштита на жртвите“, вели за Гласот на Америка на македонски Даниела Дабеска, од Македонскиот центар за женски права - Шелтер-центар, невладина, непрофитна и лобистичка организација која се залага за афирмација, имплементација и заштита на правата на жените во Македонија, на прашањето за нејзината оценка за ситуацијата во земјата.

„Од денешна дистанца, можеме да кажеме дека состојбата во Македонија во однос на семејното насилство е значително променета и како резултат на изминатите иницијативи и на макотрпната работа на невладиниот сектор, семејното насилство повеќе не претставува табу. Пошироката јавност имаше можност многу да слуша за проблемите и за последиците од овој проблем, да се информира и да се едуцира, а самите жртви се охрабрени да бараат помош. И да ја добијат помошта преку постоечките мерки за заштита кои се достапни во Македонија: телефонските СОС-линии, згрижувањето во шелтер-центар или транзитен центар... Можноста за изрекување на привремени мерки во краток временски рок и другите промени во законските решенија, ја олеснуваат состојбата на жените - жртви на семејно насилство. Постоењето на можност за заштита, придонесува жените во Македонија да бидат посмели во пријавувањето на проблемот како жртви, па така, во последниве години имаме тенденција на зголемен број на пријави од страна на жртвите“, вели Дабеска.

Сепак, Дабеска истакнува дека и покрај позитивните промени, има уште многу работа за активистите за женски права.

„Но, иако промените се очигледни, за разлика од пред десетина години, сепак, мора да се потенцира дека ваквите промени во развиените западни земји, како и во САД, се случуваа пред триесетина, па и повеќе години. Македонија е се` уште многу назад, и и` претстои уште многу активна работа на ова поле“.

Според одделни медиумски презентирани статистички податоци, секоја 4 или 5 жена во Македонија е жртва на насилство. На прашањето како ја оценува улогата на државата и на институциите во поглед на менувањето на ставовите во македонското општество за сериозноста на проблемот со насилството врз жените, Дабеска вели: „Република Македонија досега има ратификувано значаен број на документи и е дел од многу конвенции, платформи и стратегии кои се однесуваат на заштита на правата на жените... Но, за жал, во Република Македонија, најчесто се` се сведува само на потпишување. Најчесто со потпишувањето завршува заложбата на државата и на институциите. Игнорантскиот однос на државата и на институциите се промени во последниве неколку години, пред се`, како резултат на инсистирањето на невладините организации за креирање на мултисекторски пристап за решавање на семејното насилство, во кој значајна улога имаат институциите. Сите овие години беше укажувано дека семејното насилство не претставува проблем што ќе биде ексклузивно третиран од само една невладина организација, или само една институција. За да имаме системски и ефикасни решенија, потребно е да се направи стратегија за соработка со сите чинители. Иако досега е констатирано одредено подобрување од државата и од нејзините институции, за жал, останува впечатокот дека тоа е повеќе декларативно и про форма. Се` уште треба да се работи на подигањето на јавната свест на самите институции за конечно да сфатат дека освен тоа што имаат обврска да работат на овој опшествен, а не индивидуален проблем, мора да прифатат и разберат дека секое опшество во кое не се нудат системски решенија за справување со семејното насилство и за заштита на жртвите, ќе има долгорочно негативно финансиско влијание за самата држава“.

По повод акцијата за запирање на насилството врз жените и денешното одбележување на кампањата и во Скопје, Дабеска испрати порака до македонската јавност и до жртвите на насилство: „Пораките кои со години ги упатуваме ние активистите, за жал, не се многу променети. Јас би сакала сега да испратам порака која суштински ќе се разликува од претходните, како резултат на веќе случените големи промени, ама, за жал, не е така. Па така, повторно апелот до јавноста е: дека секој граѓанин на ова држава може да го даде својот придонес, вклучувајки се во кампањите за поддршка на жртвите! И институциите немаат право да го игнорираат овој проблем и мора да се вклучат во системските решенија, а насилниците не смеат да останат неказнети! За жените – жртви, мојот апел е дека секоја жена има право да се чуствува сигурна и своја. Пријавувајте насилство!“.
XS
SM
MD
LG