Линкови за пристапност

ОМД бара прекин на разговорите за името

  • Синиша Станковиќ

Иселениците бараат Македонија да се обиде да побара членство во ОН под уставното име и протестираат против изборот на Џафери за министер за одбрана

Со образложение дека Грција не покажува интерес за решение на спорот со уставното име на Македонија и дека евентуалната промена на името не е излез за наметнатите проблеми на Македонија, на денешната прес-конференција во Скопје, претставниците на Обединетата македонска дијаспора - ОМД од САД, го повторија ставот на македонските иселеници дека треба да се прекинат разговорите за употреба на уставното име на Македонија кои се водат под покровителство на Обединетите нации, и дека треба да се побара членство во ОН под уставното име – Република Македонија.

ОМД го потенцира и фактот дека меѓународната заедница се` уште не ја зема доволно предвид пресудата на Меѓународниот суд во корист на Македонија и дека етничките Македонци во Грција и натаму се на удар на грчките националисти. Според ОМД, активистите - етнички Македонци, на социјалните мрежи во Грција добивале и смртни закани, само поради барањата за изучување на македонскиот јазик во регионот на Воден (Едеса) и Лерин (Флорина). На прес-конференцијата присуствуваше и Евгенија Нацулиду, претставничката на ОМД за Грција, според која тамошното македонско малцинство е под силен притисок поради изучувањето на македонскиот јазик и фолклор. Таа истакна дека и самата била обвинета од дел од грчките медиуми, според неа, со измислени обвинувања за наводно неплатен данок, поради што покренала судска постапка.

Со оглед на фактот дека етничките Македонци стравуваат самите да побараат да бидат признаени како малцинство во Грција, или да лобираат за таа цел на меѓународен план, според претседателот Мето Колоски, ОМД подготвува „стратегија за интензивна комуникација со европските земји“ чија главна цел е развивање на мрежата во европските земји и барање поддршка од македонските граѓани кои со децении живеат во тие земји за лобирање за признавање на Македонија под уставното име. Според Колоски, „агресивно ќе се лобира Република Македонија да влезе во НАТО и ЕУ“ и ќе се бара поддршка за човековите права на етничките Македонци во Грција.

„Основната порака што ја добивме од Брисел е дека ни треба што повеќе лобирање во европските земји, како Германија, Франција и Британија, за поголема поддршка. Со назначување на претставници во тие земји, повеќе ќе може да се промовира македонската кауза и интересот на македонската диајспора, но и на Република Македонија - за влез во ЕУ и НАТО. Работиме и на тоа да добиеме повеќе поддршка од меѓународните институции за правата на Македонците во егејскиот дел и во цела Грција“, изјави денес Колоски.

Според него, неизвесна е понатамошната политиката на САД кон Македонија, по назначувањето на Џон Кери за државен секретар. Колоски потенцираше дека Кери, спротивно на одлуката на САД да ја ословува Македонија под уставното име, во јавните настапи неколку пати ја користел референцата „Поранешна југословенска Република Македонија“.

ОМД денес протестираше и против изборот на Талат Џафери од ДУИ, поранешен „Командант Форина’ во УЧК, за министер за одбрана на Македонија. „ Јас добив можеби стотина е-мејлови со реакции истиот ден кога се назначи Џафери“, рече Колоски и потенцираше дека македонската дијаспора „не може да прифати министер за одбрана да биде некој кој убивал и наредувал убиства врз оние со кои сега ќе командува! Немаме ништо против Албанец да биде министер, но не некој кој бил припадник на организација која и од страна на Стејт департментот беше прогласена за терористичка“, рече Колоски.
XS
SM
MD
LG