Линкови за пристапност

Првите луѓе на ОН и МОК го носеа факелот во Сочи


Американските власти ги предупредија авионските компании што сообраќаат до Русија да внимаваат на пасти за заби што можеби се исполнети со материјал за изработка на бомби.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах денес учествуваа во носењето на олимпискиот факел, на ден пред официјалното отворање на Зимските олимписки игри во Сочи. Бах кажа дека е среќен што ја испраќа „олимписката порака на мир и разбирање“.

Насобраните ги поздравија обајцата додека го носеа факелот кон Олимпискиот стадион каде за утре се најавува спектакуларно отворање. Претходно, генералниот секретар на ОН ја осуди дискриминацијата против хомосекусалците, а ги повика и завојуваните страни да го почитуваат олимпиското примирје. Тој индиректно се осврна на новиот руски закон што забранува ширење на „хомосексуална пропаганда“ меѓу малолетните, за кој критичарите велат дека може пошироко да се интерпретира како пресметка со поддршката за хомосексуалните права во основа. Бан рече дека Олимписката повелба го изложува противењето на Мешународниот олимписки комитет на секаква диксриминација, како и дека „за омразата од каков и да е вид не смее да има место во 21-от век“.

На безбедносен план, властите се во состојба на зголемена готовност поради можноста од терористички напад поврзан со Игрите. Претставници на американскиот Оддел за домашна безбедност ги предупредија авионските компании што сообраќаат до Русија да внимаваат на пасти за заби во багажот што можеби се исполнети со материјал за изработка на бомби.

Властите велат дека засега нема конкретни закани. Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Александар Лукашевич ги оквалификува медиумските извештаи за заканата од експлозив на летовите за Русија како „недоразбирање“. Тој укажа и на изјавата на претседателот Владимир Путин дека се преземени целосни мерки за да се гарантира безбедноста на Олимпијадата во Сочи.

Исламски екстремисти се заканија дека ќе ги попречат Игрите. Џихадистичка група од Дагестан презеде одговорност за двата самоубиствени бомбашки напади во Волгоград минатиот месец, што однесоа 34 животи. Руските власти, според проценките, потрошиле 2 милијарди долари за да ја зајакнат безбедноста на Олимпијадата во Сочи.
XS
SM
MD
LG