Линкови за пристапност

Спектакуларни претстави на Охридско лето

  • Сашо Митан
  • за Охрид

Спектакуларни претстави на Охридско лето

Спектакуларни претстави на Охридско лето

Полни аудиториуми ја одбележаа првата половина на фестивалот.

Меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето" мина низ првата половина од годинешната програма, откако на 12-ти август беше отворен со спектакуларната претстава „Трилогија Романа" во атрактивниот простор на Античкиот театар.

На 2-ри август, за празникот Илинден, Античкиот театар повторно беше преполн, овојпат за перформансот на Дуке Бојаџиев, музичарот кој живее и твори во Њујорк.

Бојаџиев во Охрид дојде по успешниот концерт во престижниот „Карнеги хол“, а во татковината се претставува со проектот во оригинал на англиски насловен „Love is the Way“, што минатата година како албум излезе под етикетата на Скопскиот џез-фестивал, но заедно со придружните музичари на сцената ќе изведува и теми од филмовите „Сенки“ на Милчо Манчевски, „Војната заврши“ на Митко Панов и „Созерцание“ на Иво Трајков. На концертот ќе гостуваат истакнати музичари, долгогодишни соработници на Бојаџиев, меѓу кои и македонските кларинетисти Исмаил Лумановски и Васко Дуковски кои исто така живеат во Њујорк. Диригент на концертот е Саша Николовски-Ѓумар.

Првата половина на Летото донесе бројни музички и драмски доживувања. Покрај „Трилогија Романа" на чинот на отворањето, публиката ја привлекоа неколкуте извонредни изведби на Драмскиот театар од Скопје („Геноцид 21"), рускиот театар „Вера Комесаржевска" („Ангели од сапуница"), МНТ („Свадбата на Фигаро“) Истарското народно казалиште од Пула („Електра"), како и Театарот за деца и младинци („Алиса во земјата на чудата"). Во музичкиот дел, аплаузи собраа одличниот соло-концерт на рускиот пијанист Александар Гидин, пијанистот Алексеј Володин, кларинетистот Чарлс Најдих, гитаристот Едуардо Катамарио од Италија и спектаклот со Најџел Кенеди, моментно еден од водечките виолинистички виртуози во светот и едно од најзначајните музички имиња во британската музичка историја воопшто.

На „Охридско лето“ заедно настапија македонскиот гитарист Влатко Стефановски и виолинистот Стефан Миленковиќ од Србија. Двајцата виртуози одржаа ексклузивен концерт спојувајќи ги световите на класичната и на рок-музиката – освежувачко уметничко доживување со многу динамика и ритмички изненадувања.

XS
SM
MD
LG