Линкови за пристапност

Како да се спаси охридската туристичка сезона?


Според Стопанската комора за туризам, во Грција летуваат 100 илјади македонски граѓани, втора земја е Турција, а во Охрид само 600

Зарем по секоја цена треба да го поддржуваме туризмот во другите држави на штета на Охрид?“, прашува градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески. Тој вчера на прес конференција во Скопје, инаку втора во екот не туристичката сезона, на која повторно ги обвини медиумите дека со некоректоно и неизбалансирано известување за цените на услугите во најголемиот македонски туристички центар носат дел од вината за што домашните туристи годинава го заобиколиле Охрид.

„Се` започна од пред еден месец, со наводно високите цени, па нељубезноста на персоналот и лошата услуга, преку концертот на Цеца, чии организатори не бевме ние, потоа информациите за зголемена појава на водни змии, како и тие за дивите депонии. Објавените слики воопшто и не беа од Охрид, ние имаме дваесет и четири часовна смена на Комунална хигиена“, вели градоначалникот Бакрачески.

Според него, цените за сместување и храната и пијалоците се три до пет пати поевтини од Грција, но исто така признава дека Охрид има и недостатоци.

„Охрид има и недостатоци, мани и грешки во организацијата во летната сезона, на кои ние интензивно работиме, но издржаните критики ги прифаќаме, а не оние кои се невистинити и со кои се прави штета на градот“, рече првиот човек на Охрид.

Во меѓувреме, медиумите објавија дека минатиот месец на одмор во Грција заминале над 100 илјади македонски граѓани. До ваков податок се доаѓа преку анализа на податоците од Стопанската комора за туризам и Агенцијата на хотелиери на Македонија (ХОТАМ). Најмногу патување кон југ, преку граничните премини Богородица, Стар Дојран и Меџитлија се регистрирани за време на викендите во текот на летната сезона – дури и по 20.000 луѓе. Статистиката за првите шест месеци е дека токму преку овие гранични премини во Грција заминале 708.089 македонски туристи.

Наспроти ова, од ХОТАМ излегоа со поразителни податоци за домашните туристи кои во моментов летуваат во најголемиот македонски туристички центар, Охрид – само 600, без да се сметаат оние кои имаат сопствени станови во градот. За Стопанската комора за туризам, ова значи дека летово може да се оцени како едно од најлошите. Но што е причината за ова, ако се има предвид дека Охрид важи за најевтин туристички град на Балканот? Според проценките на ХОТАМ, едно просечно четиричлено семејство за десетдневно летување, би потрошило околу 400 евра.

„Студио во Охрид, кое може да прими четиричлено семејство, би чинело околу 280 евра за десетина дена, слично како и во Грција, но за разлика од таму, пак, продуктите кај нас се поевтини. На пример, поевтини се и јадењето и пиењето, но и овошјето и зеленчукот, а на одредени плажи во Охрид има исти цени како и на плажите во Грција“, вели за „Дневник“ Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.

Состојбата на терен покажува дека хотелите се солидно исполнети, главно со гости од странство, но целосно потфрли приватниот сектор, каде изминативе години најбројни беа домашните гости и туристите од соседните земји.

И нестабилното време ова лето веројатно има дел од вината за послабата туристичка сезона. Сепак, експертите сметаат дека на Охрид му недостасува вистинска стратегија за развој на туризмот. Тие предлагаат по завршувањето на летото да се направи сериозна анализа на состојбите и да се утврдат идните правци на развој на туризмот.

„Она што се случува тука е последица веројатно и на долгата криза, финансиската исцрпеност на балканските земји. Најсериозното прашање е со што Охрид може да конкурира на седумте мориња околу нас кои преку изградена инфраструктура стануваат се подостапни до туристите. Охрид мора реално да ги дефинира туристичките потенцијали, само така ќе ги најде вистинските одговори во кој правец ќе тргне туризмот во Охрид“, смета Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Азески е член на Економскиот совет на Охрид кој минатиот месец одржа итна седница со единствена цел – да се спаси преостанатиот дел од сезоната. Некои од членовите предложија итни маркетиншки мерки, како на пример, намалување на цените во одредени периоди од денот.

„Охрид треба да преземе нешто утре и сега, односно воведување на мерки кои можат да се воведат веднаш. Угостителските објекти да го воведат тнр. „хепи ауар“ она што ние го среќаваме веќе секаде во светот и да го пополнат оној период кога посетеноста е помала, а во хотелите да се зголеми должината на престој на гостите со иницијативи за помали цени во периодот кога објектот е помалку посетен. На пример, ако во петок и во сабота има зголемен број на туристи, да се понуди нешто за во недела, да има гратис ноќевање или намалување на цените за 30 или 50 проценти. Една од причините поради кои Охрид изгледа попразен е што сме за време на муслиманскиот празник Рамазан, а нашите гости се повеќе од регионот односно од Косово, Албанија и Турција“, смета Лела Крстевска, претседател на Стопанската комора за туризам.

Дел од предлозите се и подобро искористување на аеродромот „Св. Апостол Павле“, каде освен чартер летовите во сезона, редовните линии се вистинска реткост, и максимално искористување на придобивките од изградбата на автопатот кон Кичево, од кој се очекува да придонесе за зголемување на бројот на туристи.

Според Стопанската комора за туризам, во Грција летуваат дури 70 проценти од македонските граѓани кои заминуваат на одмор, а втора земја е Турција. Во 2013 година вкупно 1.572.371 Македонци се упатиле кон трите гранични премини што водат кон Грција. Државниот завод за статистика, пак, во март годинава регистрирал 36.290 туристи во Македонија, што е за 5,5 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани. Најмногубројни се туристите од Турција, Грција и од Србија, а најмногу ноќевања има во хотелите со четири ѕвезди.

XS
SM
MD
LG