Линкови за пристапност

Учеснички во египетската револуција во посета на Охрид

  • Сашо Митан

Сали Рушди и Џихан Абу Зеид присуствуваа на одбележувањето на 24-ти јуни, Денот на балканските Египќани.

Сали Рушди, поранешна уредничка во државната телевизија на Египет, вели дека учествувала во револуцијата во нејзината земја, а денес заедно со Џихан Абу Зеид се влијателен фактор во креирањето на јавното мислење.

Раскажуваат дека не се докрај задоволни од исходот на револуцијата. На став се дека војската сепак ја презела контролата во земјата, но не се согласуваат со информациите, објавени во некои медиуми, дека Муслиманското братство во Египет ќе донесе џихад.

Има уште многу работа, од исходот не сме задоволни - порачуваат новинарките, манифестирајќи внимателност во оценките за тоа каде се движи политичката ситуација во Каиро - кон демократија или ново диктаторство.

„Проблемот е што вистинските револуционери останаa понастрана од власта, додека кај актуелните партии нема политичка волја за нешто да се промени“, прецизира младата Рушди.

Тие беа во посета на Охрид за време на одбележувањето на 24-ти јуни, Денот на балканските Египќани.

„За прв пат сме во Република Македонија. Дојдовме преку проектот на египетскиот Комитет за заштита на човековите права, односно најголемата египетска тинк-тенк организација „Еден свет“. Сакавме да споделиме искуства за тоа како Египет ќе може полесно да го надмине процесот на транзиција и посебно за улогата на жената во тој процес. Првите впечатоци ни се како да сме дома, меѓу своите. Како да не сме излегле од Египет. Цело време не опкружуваат топлината и љубовта на македонските и балкански Египќани. Тие ја демонстрираат взаемната блискост помегу македонскиот и египетскиот народ“, вели Абу Зеид.

„Јас не знаев за овдешните Египјани кога тргнав од Каиро. Покажаа големо срце кон нас. Мислев, ќе дојдеме, ќе ни кажат: здраво, како си, ама не било така. Неверојатна блискост доживеав во Скопје и Охрид“, ги пренесува впечатоците младата Рушди.
XS
SM
MD
LG