Линкови за пристапност

Дали охриѓани се` повеќе се иселуваат?


Од Охрид последниве неколку години си заминуваат бројни жители, а според официјалните податоци, градот е водечки во Македонија по број на иселувања.

Главната охридска чаршија во зимскиот период е речиси полупразна. Дуќанџиите своите објекти ги затвораат многу порано од колку на лето. Ваква е сликата од Охрид по завршувањето на туристичката сезона веќе неколку години.

Една од причините се алармантните податоци според кои, приближно 8.000 лица последниве години си заминале од Охрид, најголемиот дел од нив во странство. Ова се официјални информации на Државниот завод за статистика, со што Охрид стана водечки град во земјава по иселување. Од охридско-струшкиот регион во целина, бројката на иселени пак, достигнала преку 13.000 лица.

Она што уште повеќе загрижува се и неофицијалните податоци, според кои, Охрид од град со речиси 60.000 жители, сега има околу 35.000.

Се` поголемото иселување од Охрид, според експертите, може да ја промени и демографската слика на градот.

„Остана само од туризмот да се преживува, но за добар дел од младите кои заработуваат по 200 евра, како келнери, тоа е многу малку. Охрид ја дели таа судбина на град кој живее неколку месеци, а потоа преживува. Македонија нема да остане празна, но ќе дојдат други кои се желни за подобар живот, тоа се од Африка или Блискиот Исток“, вели Илија Ацевски, универзитетски професор.

Воедно, и невработеноста во Охрид е голема и достигнува до 40 проценти. Во отсуство на големи стопански капацитети како во 80-те години на минатиот век, јавните претпријатија се најголеми работодавачи во градот.

„Се` повеќе од пријателите си заминуваат, бидејки мислам дека не гледаат перспектива овде“, вели жителка на Охрид.

„Од земјава се исели ќерка ми. На Флорида замина. Познавам друга девојка, којашто замина во Канада“, вели една охриѓанка.

Дејан Паноски е локален функционер којшто предлага одржување Самит за Охрид, на кој би се одредила иднината на градот.

„Под лидерство на локалата власт, треба да се свика таканаречен Самит за Охрид, на кој ќе земат учество највисоките државни институции како што се Владата, МАНУ, Стопанската комора, а ќе повикаме охриѓани кои работат надвор од градот и во странство, а кои се успешни во кариерата. Ќе ги разговараат моделите за подобрување на состојбата, и од економски, и од социјален аспект. Сето тоа да се вклопи во една стратегија за Охрид која ќе го спречи неговото празнење“, рече Паноски.

Заменик-градоначалникот на Охрид Ангел Јанев, вели дека една од причините за ваквата појава, е немањето на доволен број големи стопански капацитети.

„Во Охрид мора да се отвораат индустриски капацитети. Јас не гледам друг начин младите да останат. Во таа насока е отворањето на фабриките „Костел“ и „ОДВ електроник“, кои најавија отворање на околу 2.000 работни места, што можеби не е многу, но е премногу од оваа позиција во која сега се наоѓаме. Охрид треба да има и свој Охридски универзитет. Тоа ќе доведе повторно да се зголеми бројот на студенти, жители, родители и потенцијални инвеститори. Сите тие би го спасиле Охрид наредниве десетици години “, вели Јанев.

Каква иднина го очекува Охрид, останува да се види. Но, и податоците на ниво на држава се загрижувачки. Според Светската банка, само до крајот на 2013-та година, од Македонија се иселиле приближно 630.000 лица.

XS
SM
MD
LG