Линкови за пристапност

Конференција за климатски промени на УСАИД во Охрид

  • Сашо Митан

Предизвикот е глобален, но чекорите на локалните заедниците ги прават решенијата, вели амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли

Охрид е домаќин на Втората Меѓународна конференција за климатски промени, во организација на Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени. Проектот го спроведува Здружението за одржлив развој „Милеуконтакт Македонија“.

Како што истакна американскиот амбасадор во Република Македонија Џес Бејли, предизвикот со климатските промени е глобален, но чекорите што ги преземаат заедниците се токму тие коишто ги прават решенијата.

„Низ целиот свет САД гради отпорност против климатските промени и го ублажува нивното влијание. Во Македонија се занимаваме со тоа преку повеќе проекти. Сакаме да биде полесно да се вложува во обновлива енергија, да им помагаме на фирмите подобро да раководат со потрошувачката енергија и да ја намалат емисијата на јаглеродни гасови. Им помагаме на фармерите и земјоделските здруженија подобро да ги разберат влијанијата на климатските промени и како да ги штитат своите инвестиции“, кажа Бејли.

Американскиот амбасадор рече дека САД и дома презеле историски чекори да го намалат испуштањето на штетни гасови: „Во март најавивме намалување од 26 до 28 отсто, до ниво пред 2005-та година. Имаме тројно повеќе струја од ветер и над 20 пати повеќе соларна енергија. Имаме сериозни стандарди за економичност и за 20 години ќе се удвои економичноста на автомобилите. Имаме строги стандарди за штедење енергија кај апаратите во домаќинството“.

Според министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија Нурхан Изаири, конференцијата во Охрид се организира во вистинско време, во услови кога се` уште се справуваме со еколошките, социјалните и економските последици предизвикани од неодамнешните екстремни временски непогоди коишто ја зафатија не само Македонија, туку и регионот во целина, и кога Македонија, како дел од меѓународната заедница, презема напори за успешен климатски Договор во Париз на крајот од годинава.

„Министерството за животна средина и просторно планирање, во функција на национален координатор за климатски промени, дејствува во повеќе правци во областа. Во соработка со програмата за развој на ОН, веќе 15 години во континуитет работиме на неопходните стратешки документи за климатски промени кои ни овозможуваат успешно реализирање на активности како одговор на државата на обврските кои произлегуваат токму од членството на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени и во Протоколот од Кјото. Она што е особено важно е што прашањето за климатскит епромени не само што се вградува во релевантните стратешки, плански и програмски документи на национално ниво, туку се вградува и во другите секторски политики и акции“, изјави Изаири.

Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, вреден 3.080.000 долари, е четиригодишна иницијатива којашто ги подготвува општините да се справуваат со локалните предизвици предизвикани од климатските промени. Користејќи го иновативниот метод Зелена агенда, проектот ги спојува заедно граѓанските огранизации, граѓаните и општинските тела, за да развијат акциски планови засновани на консензус, а коишто се однесуваат на специфичните прашања за климатските промени со коишто се соочуваат нивните заедници и со цел да работат на ублажување на нивните ефекти.

На конференцијата во Охрид учествуваат меѓународни активисти, стручњаци и практичари од областа на адаптацијата на климатските промени, експерти за одржлив развој и граѓански организации од државата и регионот коишто работат на полето на животната средина и одржливиот развој.

XS
SM
MD
LG