Линкови за пристапност

Конференција против перење пари во Охрид

  • Сашо Митан

Целта е да се зајакнат капацитетите на властите во регионот, за пребарување, запленување и конфискација на приходите од компјутерски криминал

Повеќе од 80 судски претставници, експерти за компјутерски криминал, претставници од финансиските институции, и даватели на услуги во Охрид, ќе дискутираат за подобрување на финансиските истраги и конфискација на приходи од криминалот, што се извршува на Интернет, во рамките на iProceeds конференцијата за Југоисточна Европа и Турција.

Заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа, во рамките на ИПА, почна на први јануари годинава. Покрај Македонија, проектот ги опфаќа и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Турција и Косово.

Цел е да се зајакнат капацитетите на властите во регионот за пребарување, запленување и конфискација на приходите од компјутерскиот криминал, како и спречување перење пари на Интернет.

Конференцијата ја отвори министерот за внатрешни работи Митко Чавков, кој рече дека во светот, поголемиот компјутерски криминал што е пријавен и истражен од криминалните власти, е поврзан со различни видови измама и други кривични дела, со цел добивање на нелегални економски бенефиции.

„Со отпочнувањето на овој проект уште повеќе ќе се крене, не само свеста за неопходната соработка на органите за спроведување на законот, правосудството и бизнис секторот, туку ќе се зајакнат и вкупните национални капацитети во Макеоднија и во државите кои учествуваат во овој регионален проект“, додаде Чавков.

На конференцијата ќе земат учество и Јавниот обвинител на Македонија Марко Зврлевски, евроамбасадорот Аиво Орав, раководителот на Одделението за компјутерски криминал од Советот на Европа Александар Сегер, како и проект менаџерот на програмата за компјутерски криминал во Советот на Европа Мариана Чицу.

Тие ќе дискутираат за конкретните чекори кои креба да се преземат за посилна јавна, приватна и меѓународна соработка, за да се подобрат финансиските истраги и конфискација на приносите од криминалот.

XS
SM
MD
LG