Линкови за пристапност

Колку е старо Охридското Езеро?


Колку е старо Охридското Езеро?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:39 0:00

Најнови истражувања сугерираат старост од најмалку два милиони години и е најстаро во Европа, но за поточни резултати ќе треба да се чека уште пет години

Охридското Езеро е старо најмалку два милиони години. Ова го покажувааат првите официјални анализи од испитувањата кои беа направени во 2013 година од група меѓународни научници. Тогаш, повеќе од два месеца, се испитуваше на длабочина до 580 метри под дното на езерото.

Оттаму беа подигнати седименти, кои беа однесени на испитувања во Геолошкиот институт на Универзитетот во Келн, Германија.

За да се види колку постаро од тоа е Охридското Езеро потребни се дополнителни анализи кои ќе траат уште пет години, вели за Гласот на Америка, Златко Лефков, биолог на Природно-математичкиот факултет во Скопје, кој е дел од овој тим.

Според него, до сега се направени само дел од анализите. Целта на истражувањето е да се определи не само староста на езерото, туку и неговото потекло и влијанието на бројните климатски промени врз организмите.

„Една од претпоставките беше дека езерото е старо околу 10 милиони години. Веројатно во тој временски период постоел некаков воден еко-систем во овој регион. Но тие водни системи не можеме да кажеме дека се езеро. Не можеме да кажеме дека ова езеро кое ние го гледаме денес, егзистирало во таква форма пред пет или 10 милиони години. Можеби тоа биле некои калливи области, плитки три до пет метри. Ако се земат превид постоењата на такви води, можеме да кажеме дека водата во Охридското Езеро или во овој регион е постара, но во самото езеро во овој момент не би требало да биде постара од 2 до 2,5 милиони години“, вели Лефков.

Тој најави дека во наредните пет години се очекуваат подетални информации за климатските промени во езерото.

„Постојат различни хипотези околу тоа како настанало езерото. Се` уште работиме на тоа. Досегашните анализи покажуваат дека веројатно претходно постоеле некои помали водотеци, а пред околу 1,5 милиони години Езерото преминало во реално езеро, или како што ние тоа го викаме длабока фаза на езерото. Од тогаш егзистира во континуитет. Во однос на потеклото на видовите, досегашните анализи покажуваат дека е возможно да се прати еволуцијата на видовите, односно како од еден вид преминува во друг“, вели Лефков.

Анализите покажуваат дека Охридското Езеро, кое е најстаро во Европа, изминатите два милиони години не доживеало еколошки катастрофи за разлика од некои други древни езера во светот.

„На пример езерото Малави е комплетно пресушено, Тангањика има за 700 метри паднат воден столб, Титикака преминува во солено езеро. Тоа овозможува да има континуитет на животот во езерото и да го следиме развојот на животот во езерото, да ги видиме реакциите на организмите врз климатските промени. Не е само еден таков циклус на топло ладно, туку во целата фаза од 2,6 милиони години се 100.000 такви циклуси. Можеме да направиме проценка и какви ќе бидат реакциите на идните климатски промени врз основа на што се некои сценарија кои владеат за регионот на Охрид“, вели Лефков.

Научниците откриле и вулканска пепел на дното од езерото, како и нејзина поврзаност со некои се` уште активни вулкани во Италија, како Везув или големите вулкани кај т.н. Флегрејски полиња.

„Во Охридското Езеро е забележана голема вулканска прашина која во најголем дел потекнува од различни вулкани од Италија. Таквите вулкански слоеви предизвикуваат значајни промени во езерото, пред се` во составот на живиот свет. Анализите покажуваат дека езерото е релативно стабилно и не е премногу чувствително на таквите промени“, вели Лефков, и нагласи:

„За разлика од него, Преспанското Езеро е многу почувствително. Тоа има подолг процес на опоравување, и се верува дека се потребни околу 4.000 години да се врати во нормална состојба. Пред околу 10.0000 години треба да се каже дека речиси истите организми, кои денес го населуваат Охридското Езеро го населувале и Преспанското, а денес не можеме да ги регистрираме во него, како резултат на тие промени“.

Податоците покажуваат дека Охридското Езеро е длабоко 660 метри. Тоа не било имуно ниту на климатските промени. Се претпоставува дека живиот свет во него е еднакво стар колку и самото езеро, и по тоа е ретка појава во светски рамки.

Во него егзистираат и 350 ендемски видови. Професорот Лефков вели дека станува збор за најголемо научно истражување за езерото до сега, чии податоци ќе се користат за научни истражувања во следните неколку децении.

XS
SM
MD
LG