Линкови за пристапност

Охрид станува „град на кружните текови“


Охриѓани со поделени ставови во врска со новите сообраќајни решенија, стручните лица велат дека кружните текови ја подобруваат безбедноста

Древниот Охрид е на сигурен пат да стане „град на кружните текови“, откако неодамна и последниот семафор замина во историјата. Никнуваат скоро на сите крстосници, наводно поради полесно движење на возилата. Оние за кои чашата е секогаш попуполна велат дека било „реална потреба и одговор на модерното време“, а според другите само „најевтин и невешт начин да се исполнат барем дел од изборните ветувања“.


Според Бети Георгиевска од автошколата „Ролекс“, пред да се постават кружните текови во Охрид, надлежните требало да организираат средби со сите релевантни фактори и преку елаборати да се информира јавноста каде ќе се поставуваат кружните текови. Според неа, времето ќе покаже како во иднина ќе се справуваат учесниците во сообраќајот со толку многу кружни текови.

„ Се знае дека една од главните функции на кружниот тек е, при зголемен претек на возила, да биде олеснето движењето. Но, за жал од она што го гледаме во пракса во Охрид, тоа ниво не е достигнато. Станува збор за нестручно изведени кружни текови. Главниот проблем е евидентен, а тоа е неможност за вклучување во онолку ленти во колку сме се движеле пред да влеземе во кружниот тек. Практично на изведените кружни текови во Охрид, се јавува проблемот дека некој некого мора да го причека при движењето на возилата, не е текот на сообраќајот природен“, објаснува Георгиевска.
Таа додава дека дел од возачите се нестручни или не знаат како да се однесуваат кога ќе се најдат на кружен тек. Нема почитување на сообраќајните правила.
„ Наназад пред пет-шест години се дискутираше и се најавуваше дека во Охрид на секоја раскрсница ќе има кружни текови. Гледаме дека тоа сега се реализира. Многу е важно дека добро регулирана раскрсница со семафори во Охрид, мора да има, децидна е Георгиевска.

Охриѓани со поделени ставови во врска со новите сообраќајни решенија, но сите брз исклучок во прв план ја ставаат безбедноста. Случајно анкетираните ни рекоа:
„ Летото кое е пред нас ќе биде вистински показател за тоа дали се потребни кружните текови“.
„ Мислам дека претераа. Ги има на секој чекор. Со семафорите беше некако побезбедно“.

„ Јас имам мало дете кое секој ден мора да помине тука барем два до три пати. Мора да одиме да ги чекаме, има премногу сообраќај“.

Од друга страна стручни лица велат дека безбедноста на пешаците, особено најмладите, било во преден план и дека „она што пред пет шест години се предвидуваше дека во градот сите крстосници ќе бидат регулирани со кружни текови, сега се остварува“.
Искуствата и праксата во странство покажуваат дека движењето во кружните текови знае да биде сериозен проблем, особено кај пешаците и возачите со помало искуство. Има сознанија дека во сојузната американска држава Вашингтон има годишна кампања за едукација на населението, каде пред се`, се укажува на големата разлика меѓу добро регулирани кружни текови и обично кружно движење.

XS
SM
MD
LG