Линкови за пристапност

Потребен е барем регионален пристап

  • Сашо Митаноски

Дводневна конференција во Охрид за борбата против трговијата со луѓе

За проблемот со трговијата со луѓе е потребен барем регионален пристап, беше истакнато на почетокот на конференцијата „Регионална соработка за подобро справување со трговијата со луѓе“, којашто во организација на МВР, МАРРИ (Регионална иницијатива за миграција, азил и бегалци) Регионалниот центар и Центарот за безбедносна соработка се одржува во Охрид.

Трпе Стојановски, директор на МАРИ Регионалниот центар, рече дека идејата на оваа дводневна средба на земјите од регионот е да се презентираат националните искуства, добрите практики и сивите зони на коишто наидуваат државите кога се соочуваат со проблемите на трговијата со луѓе.

„Феноменот на трговија со луѓе бележи надолна линија, но има и осцилации во тој дел. Затоа, не може да се анализира само проблемот на трговија со луѓе изолирано, од другите, би рекол, сродни области, како што е криумчарењето на мигранти или нерегуларната миграција коишто имаат драматично зголемување на статистичките бројки. Во таа смисла е интересно да се види како овој вид на кривично дело се манифестира, кои се новите облици, бидејќи најчесто криминалците, кои се извонредно вешти, ги комбинираат своите криминални дејности со други недозволени активности, како што е недозволената трговија со оружје или недозволената трговија со дрога“, кажа Стојановски.

Тој смета дека законодавството направило голем исчекор во препознавањето и казнувањето на експолоатацијата поврзана со сексуалните услуги, но дека има многу работи коишто допрва треба да се сработат, особено третирањето на жртвите на трговијата со луѓе.

Амбасадорот Бранимир Мандиќ, директор на Центарот за безбедносна соработка на Југоисточна Европа, на денешниот прв конференциски ден кажа дека проблемот на трговијата со луѓе е проблем на целиот свет, и токму затоа е неопходна соработката помеѓу земјите.

„Со оваа конференција докажуваме дека проблемите со трговијата со луѓе не можат да се решат во самите држави, туку во најмала рака треба да имаме регионален пристап, бидејќи тој проблем не е државен, туку е регионален и светски. Проблемот со трговијата со луѓе постоел и постои. Не е решен, ниту пак ќе биде решен во наредниот период. МАРРИ како центар се занимава со оваа проблематика, но она што е важно е што луѓето кои се занимаваат со трговија многу вешто се адаптираат со постоечката регулатива и вешто ги изнаоѓаат слабостите. Нашиот одговор е со заедничка соработка да пронајдеме методи со кои ќе се следат тие трендови, потенцираше Мандиќ.

Тој рече и дека соработката со меѓународните институции постои 15-тина години, но останува на регионот да ја зајакне меѓусебната соработка.

Рут Појман, заменик-национален координатор за трговија со луѓе од Канцеларијата на ОБСЕ во Виена, рече дека таа им помага на земјите од Југоисточна Европа, а неретко остварува и директни контакти со жртвите на трговијата со луѓе.

„Има четири главни точки околу кои се фокусира нашата работа: обвинителство, заштита, превенција и партнерство. Во секоја од земјите ние имаме канцеларии во кои подиректно работиме на случаите со трговија со луѓе“, информираше Појман.

Земјите-учеснички за време на конференцијата ќе ги презентираат и националните статистики за состојбата со трговијата со луѓе.

XS
SM
MD
LG