Линкови за пристапност

Рамковниот договор се` уште не обезбедил хармонични меѓуетнички односи


Од преговорите во Охрид 2001-ва
Од преговорите во Охрид 2001-ва

12 години од потпишувањето на спогодбата што стави крај на воениот судир во Македонија.

На 13-ти август 2001-ва година, во претседателската резиденција на Водно во Скопје, потпис на Рамковниот договор ставија тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љупчо Георгиевски, како и првите луѓе на ПДП, СДСМ и ДПА, Имер Имери, Бранко Црвенковски и Арбен Џафери.

Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.

12-годишнината од потпишувањето на овој документ мина без позначајни одбележувања од страна на државните институции. Единствено, дел од министрите на ДУИ во Владата, предводени од вицепремиерот за рамковниот договор Муса Џафери и министерот за одбрана Талат Џафери, годишнината и годинава ја одбележаа со поклонување пред споменикот на борците на ОНА во кумановско Слупчане.

„Имаме обврска да ги почитуваме сите оние кои ги дадоа своите животи за слобода и демократија“, изјави вицепремиерот Џафери.

Еден од потписниците на Рамковниот, Љубчо Георгиевски, смета дека најважното прашање е дали се извлечени вистинските поуки од крвопролевањето 2001-ва.

„И македонската страна, и албанската страна, како главна поука од таа криза 2001-ва година, треба да биде дека во Македонија никој веќе нема право на национализам. Ни Македонците, ни Албанците, ако и` сакаат добра иднина на Македонија“, вели Георгиевски.

„12 години по потпишувањето на Охридскиот договор ја создадовме мултиетничка Македонија, меѓутоа сега треба да создадеме граѓани кои што мултиетнички, демократски размислуваат и кои што имаат чувство за државна припадност“, мисли професорот НАНО Ружин, кој заедно со Георгиевски беше меѓу учесниците на трибина организирана по повод годишнината.

Гласот на Америка на македонски јазик разговараше со аналитичари и ги праша - дали Рамковиот договор ја постигна целта?

„Општество кое по 12 години не може да си ги објасни причините за конфликтот, ќе продолжи да живее со латентен конфликт, кој, пак, политичките елити од двете страни на етничката поделба ќе продолжат да го злоупотребуваат во прилог на својата политичка и етничка кауза. Ние, Македонците, мора да се соочиме со фактот дека 91-ва создадовме општество само по наш терк и дека 10 години не мрднавме со малиот прст во поглед на подобрувањето на положбата на албанската етничка заедница. Рамковниот го постави општеството на прав колосек, но актерите ги влечкаат нозете затоа што тоа не е производ на нивната вистинска волја, туку е наметнат однадвор“, смета професорот Денко Малевски.

Скептичен во однос на ефектите од Рамковниот е и првиот човек на невладината АДИ, која ја следи имплементацијата на Рамковниот, Алберт Муслиу.

„Договорот не ја исполни својата главна поента да обезбеди доверба меѓу двете најголеми етнички заедници во Македонија. Рамковниот обезбеди на некои прашања попрагматично да им се приоѓа, но довербата не е на ниво на кое што треба да биде. Доказ за тоа се многуте тензии кои се` уште постојат. Постојат многу индикатори кои укажуваат на тоа дека меѓуетничките односи не се на ниво на една мултикултурна демократија. Употребата на јазикот, правичната застапеност се` уште се предмет на несогласувања. Имаме голем проблем со самото тоа што кај нас се` уште се дебатира дали претседател, премиер или министер за внатрешни може да биде Албанец. Таква дилема во едно општество со хармонични меѓуетнички односи не би требало да постои“, вели Муслиу.
XS
SM
MD
LG