Линкови за пристапност

Конференција за кибернетска безбедност во Охрид

  • Сашо Митаноски

Учествуваат над сто експерти од 13 земји од светот, во рамки на НАТО-напредната школа за кибернетска безбедност и одбрана

Република Македонија не е приоритет на терористичката мапа, сметаат стручњаците коишто за справувањето со сајбер-тероризмот деновиве расправаат на конференција во Охрид. Учествуваат над сто експерти од 13 земји од светот, а конференцијата е во рамки на НАТО-напредната школата за кибернетска безбедност и одбрана. Домаќин е Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ од Скопје.

Според експертите, на овие простори постојат неколку сајтови контролирани од страна на џихадистите. Продеканот на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ од Скопје, д-р Методи Хаџи Јанев вели дека токму преку ваквите сајтови се врши мобилизација на младинци во терористичките редови.

„Постојат неколку сајтови коишто се зрачат на овој простор, кои се евидентирани како сајтови на кои се разменуваат џихадистички пораки, се врши мобилизација и се пренесуваат пораки за радикализација. Постојат и одредени форуми коишто се затворени, а на кои се споделуваат искуства, се делат лекции и начини како да се вклучуваат други младинци“ кажа Хаџи Јанев.

Меѓународната соработка е најважна во справувањето со злоупотребата на Интернет-просторот од страна на терористите, смета професорот од Универзитетот Свонси, д-р Стјуарт Мекдоналд.

„Светот заеднички ќе се бори против злоупотребата на кибернетскиот простор од страна на терористите. Се бараат техники за пробивање и следење на сајтовите и форумите на џихадистите. Но, многу е важно да разговараме за тоа како да одговориме на овие закани, да ги идентификуваме начините за справување и заеднички да одговориме на овие предизвици. Треба да ги надминеме слабостите во меѓународната соработка“, вели Мекдоналд.

XS
SM
MD
LG