Линкови за пристапност

Oд Охридското Езеро извадени четири тони муниција


Ова е голема и успешна акција што ја спроведовме заедно со Република Словенија. Нашата цел е од Охрид и Охридското Езеро, поточно од Македонија, да направиме удобно место за живеење, кажа во Охрид Амбасадорот на САД во Република Македонија, Пол Волерс.

Рачни бомби, артилерски, авионски и минофрлачки гранати и друг вид муниција со вкупна тежина од четири тони беа извадени во текот на изминатиот месец од водите на Охридското Езеро во рамките од втората фаза на акцијата за подводно деминирање што ја спроведе Дирекцијата за заштита и спасување на Република Македонија со своите партнери.

Опасниот отпад го вадеа специјализираните тимови од Дирекцијата за заштита и спасување на Република Македонија со специјално обучените членови на нуркачките клубови и со поддршка од Владата на САД и Меѓународниот фонд за деминирање со седиште во Словенија.

Заменик директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Екрем Зенделим ги оцени трите фази од акцијата како успешни и најави дека Дирекцијата и натаму ќе ги чисти критичните места каде што има ваква муниција.

„Во оваа трета фаза се чистеше во Пештани и кај градското пристаниште во Охрид, а активностите се спроведуваа во изминатите 30 дена. Од водите на езерото се извадени гранати, бомби и друг вид муниција“, истакна Зенделим.

Амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс исто така ја оцени акцијата како успешна, а Охрид и езерото ги нарече „места кои сега се безбедни за живеење и престој“.

Поголемиот дел од муницијата датира од Првата и Втората светска војна, а има и од време на Балканските војни. Во изминатите две фази од организираните акции за подводно чистење на Охридското Езеро беа извадени околу 16 тони неексплодирани убојни средства, што значи дека во сите три фази се извадени околу 20 тони муниција и безбедно уништени.

XS
SM
MD
LG