Линкови за пристапност

Одзивот до 13 часот: 22,88% за претседателски и 25,77% на парламентарните избори


Педесет илјади гласови е разликата во одзивот меѓу вториот круг на претседателски и парламентарните избори покажуват официјалните податоци на Државната изборна комисија (ДИК)

СКОПЈЕ – До 13 часот за претседател на државата, од обработени податоци од 98 отсто избирачки места, гласале 405 илјади граѓани од вкупно регистрираните 1.814.317 гласачи или 22,88 отсто излезност.

Одзивот е понизок од оној во првиот круг кога до 13 часот гласале нешто над 438 илјади граѓани а одзивот бил 24,65 отсто.

На парламентарните избори до 13 часот своето право на глас го оствариле 457.562 од вкупно запишани 1.815.350 гласачи или 25,77 отсто.

Највисок одзив има во ИЕ 3 – 29,79 отсто или 81.770 граѓани кои гласале а најнизок во ИЕ 6 каде досега гласале 55.323 гласачи или 18,87 отсто. Висок одзив има и во ИЕ 1 каде до 13 часот гласале 91.680 граѓани или 29,33 отсто.

Засега не се забележани поголеми нарушувања на изборниот процес или инциденти.

„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, денешниот изборен ден на кој се гласа за втор круг Претседателски и за Парламентарните избори до овој момент поминува генерално мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес“, изјави јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на комисијата на Јавното обвинителство за следење на евентуални кривични дела против изборите и гласањето како и други изборни нерегуларности.

Од МВР со оценка дека гласањето се одвива мирно.

„Од отворањето на гласачките места до 11 часот регистрирани се две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за лепење плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случаите. Исто така имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземените мерки од страна на полициските службеници тие наводи до сега не се потврдени“, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Со оглед дека станува збор за двојни избори граѓаните може само еднаш во текот на денот да дојдат во избирачкото место за да го остварат своето право на глас. Тие ќе бидат прашани од избирачката комисија дали сакаат да гласаат само за претседател или само за пратеници или пак за двете опции и во зависност од одговорот ќе им бидат дадени гласачки ливчиња.

XS
SM
MD
LG