Линкови за пристапност

Претседателот Обама заминува за Блискиот исток


Американскиот претседател не носи никаква нова мировна иницијатива за израелско-палестинскиот конфликт, но посетата се оценува како значајна.

Во вторник навечер претседателот заминува од Вашингтон за Блискиот исток, каде ќе има разговори со израелски и палестински лидери, а на агендата се и Иран и Сирија.

Претседателот Шимон Перес и премиерот Бенџамин Нетанјаху ќе го пречекаат Обама на пристигнувањето во Тел Авив, и тројцата ќе се обратат до јавноста.

Потоа доаѓаат билатерални разговори, започнувајќи во резиденцијата на претседателот Перес во Ерусалим и подоцна со премиерот Нетанјаху, по што ќе уследи прес-конференција.

Обама не носи никаква нова мировна иницијатива за израелско-палестинскиот конфликт. Тоа наведе некои коментатори да ја опишат посетата како симболична во голема мерка.

Во говор во Меѓународниот центар за конференции во Ерусалим, во четврток, за што имало голема побарувачка на билети, се очекува тој да ја нагласи својата конзистентна поддршка за Израел и неговата безбедност.

Но Обама исто така се очекува да каже дека надминувањето на пат позицијата со мировни напори за постигнување солуција на постоење две држави станува уште покритична среде големите промени во арапскиот свет.

Претставници на Белата куќа велат дека таа порака е важна. Бен Родс е од Советот за национална безбедност:

„Во минатото мировните процеси со различни држави и партнери во регионот беа меѓу Израел и поединечните лидери. Како што државите се движат кон демократски, порепрезентативни и одговорни влади, Израел треба да го земе предвид менувањето на динамиката и потребата да се посегне по јавното мислење низ регионот“.

Разговорите во среда ќе се однесуваат на застоените мировни напори, израелската загриженост за сириската граѓанска војна и заканата што ја претставува иранската нуклеарна програма.

Претседателот ќе треба да ги убеди Израелците дека им го чува грбот и дека тоа е вистинско, и дека тие не треба ништо да преземаат.
Ден Сервер

Ден Сервер, од Школата за напредни студии на Џонс Хопкинс вели дека Иран ќе биде важна тема зашто „претседателот ќе треба да ги убеди Израелците дека им го чува грбот и дека тоа е вистинско, и дека тие не треба ништо да преземаат.“

Во четврток Обама оди во Рамала во Западниот брег под Палестинската управа. Ќе има разговори со претседателот Махмуд Абас пред заедничка прес-конференција и посета на младински центар.

Нил Криц од Институтот за мир вели дека неговата порака до Израелците и Палестинците ќе биде да ги убеди дека мирот е во нивни обостран интерес.

Петок ќе биде ден резервиран за посета на локации од голема важност кои се и емотивни, заради верското значење, за Израелците и Евреите, Палестинците и Христијаните.

Ќе положи венец на гробовите на Јицак Рабин, израелскиот премиер врз кого беше извршен атентат од еврејски фанатик во 1995, и Теодор Херцл, основачот на Ционизмот.

Неговата посета ќе заврши во Јордан каде ќе разговара за ситуацијата со бегалците од Сирија и за политичките и економските реформи со Кралот Абдула.
XS
SM
MD
LG