Линкови за пристапност

Подвлекува дека посетата не претставува и израз на поддршка за владата на оваа земја.

Барак Обама пристигна во Бурма, со што стана првиот американски претседател кој додека бил на функција ја посетил оваа земја.

На дневен ред на Обама се средби со претседателот Теин Сеин и водечката активистка за демократија Ан Сан Су Чи, која е на слобода од 2010-та, по 15 години минати или зад решетки, или во куќен притвор.

Обама вели дека посетата на Бурма не претставува и израз на поддршка за владата на оваа земја, туку само уважување на процесот на политички реформи што е во тек. Според него, во Бурма била изразена заложба за реформи, што заслужува охрабрување.

„Но, никој нема илузија дека Бурма е на нивото на кое треба да биде. Од друга страна, ако чекавме да се ангажираме додека не постигнат перфектна демократија, мислам дека ќе чекавме
долго време“, рече Обама. Тој кажа и дека целта на посетата е да се подвлече направениот напредок, но и чекорите што Бурма треба да ги преземе во иднина.

Посетата го илустрира зголеменото внимание на Обама врз Азија, додека се обидува да го исполни ветувањето дека ќе ја зајакне американската економија во вториот мандат на функцијата. Владата на Обама има најавено дека надворешната политика и ангажман во иднина ќе бидат свртени кон Азија.

Бурманската влада неодамна започна со демократски реформи, но дел од организациите за човекови права предупредуваат дека Бурма се` уште не е целосно слободна земја. Хјуман рајтс воч за Гласот на Америка коментираше дека Обама требал да почека со посетата се` додека земјата не направи поголем напредок во обновата на основните слободи.

За време на азиската турнеја, Обама ќе учествува и на средбата на Здружението на земји од Југоситочна Азија (АСЕАН), што ќе се одржи во Камбоџа - уште една дестинација на која се очекува да изрази загриженост за долгогодишните проблеми со човековите права. Прва станица на турнејата на Обама беше Тајланд.
XS
SM
MD
LG