Линкови за пристапност

Обама на удар за амбасадорските номинации


Колин Бел, со сопругот Бредли, на прием во Холивуд во јуни 2014-та. Бел, продуцентка на сапунската опера „Смели и убави“, е потврдена за нов американски амбасадор во Унгарија

Колин Бел, со сопругот Бредли, на прием во Холивуд во јуни 2014-та. Бел, продуцентка на сапунската опера „Смели и убави“, е потврдена за нов американски амбасадор во Унгарија

Чашата ја прелеаја кандидатите за Унгарија, Исланд и Норвешка

Владата на претседателот Барак Обама наиде на критики за назначувањето на невообичаено голем број на политички донатори за амбасадори. Критиката достигна врв неделава, откако Сенатот потврди продуцентка на сапунски опери, којашто многу малку знае за Унгарија, да биде амбасадор во таа земја. Не е невообичаено претседателите да именуваат донатори од изборната кампања за дипломати, но острите прашања, поставени и на конгресниот распит за искуството и познавањата на лицата назначени за амбасадори во Исланд и Норвешка, дополнително го свртеа вниманието на оваа тема.

Донации, политички назначувања

Тие можеби немаат дипломатско работно искуство, но затоа биле дарежливи пред изборите.

Џорџ Џејмс Цунис, кандидат за амбасадор во Норвешка

Џорџ Џејмс Цунис, кандидат за амбасадор во Норвешка

Цената на амбасадорско место? Половина милион долари или повеќе е просекот што некои номинирани го дале или собрале за партијата на претседателот, според Шила Крамхолц од Центарот за одговорна политика.

„За жал, реалноста е дека некои од овие лица не се квалификувани, а се први во редицата. Тие избиваат пред пред други, поквалификувани кандидати поради тоа колку даваат за изборната кампања и партиите“, вели Крамхолц.

Роберт Ц. Барбер, кандидат за амбасадор во Исланд

Роберт Ц. Барбер, кандидат за амбасадор во Исланд

Роберт Силверман, претседателот на Американското здружение на дипломати, верува дека ваквата пракса ја загрозува американската надворешна политика кога станува збор за стратешки важни земји.

„Едно е да се испраќаат луѓе без соодветна кариера во мали островски земји, да речеме Палау, со коишто традиционално имаме добри односи и каде нема да се појават проблеми. Но, друго е во Унгарија да испраќаме комплетно ново лице коешто никогаш не работело во дипломатија. Тоа не` загрижува“, коментира Силверман.

Продуцентка на сапунски опери

Изборот на Обама за амбасадор во Унгарија? Колин Бел, којашто е продуцентка на сапунската опера „Смели и убави“. Таа беше потврдена месецов, и покрај противењето на републиканците - меѓу нив и сенаторот Џон Мекејн.

„Не сум против политички назначувања. Разбирам како се игра играта, но во земја што е на работ да ја отстапи сувереноста на неофашистички диктатор, да влезе во кревет со Владимир Путин, ние за наш претставник ќе испратиме продуцент на `Смели и убави`“, реагираше Мекејн.

Портпаролот на Обама, Џош Ернест, беше под новинарски притисок да одговори дали донациите на Бел ја квалификувале да стане амбасадор.

„Претседателот има доверба дека амбасадорката Бел ќе заврши одлична работа претставувајќи ги САД и одржувајќи ги важните односи меѓу САД и владата и луѓето во Унгарија“, изјави Ернест.

Иако Обама не е првиот претседател којшто назначил лица лојални на него за амбасадори, аналитичарите наведуваат дека тоа го прави повеќе од другите: 40% политички назначувања, за разлика од 30% за време на мандатите на неговите претходници Џорџ В. Буш и Бил Клинтон.

XS
SM
MD
LG