Линкови за пристапност

Обама го предупредил Трамп за назначувањето на Флин


Пензионираниот генерал беше советник за национална безбедност само 24 дена по именувањето

Американските медиуми објавија дека поранешниот американски претседател Барак Обама, лично го предупредил тогаш новоизбраниот претседател Доналд Трамп, против именувањето на пензионираниот генерал Мајкл Флин за советник за национална безбедност. И покрај тоа, Трамп сепак го назначи Флин на клучната функција и го отпушти по само 24 дена работа.

Обама во 90-минутната средба со Трамп во Белата куќа на 10-ти ноември минатата година издал предупредување против ангажирањето на Флин. Средбата билa одржана на само два дена откако Трамп победи на изборите.

Обама го отпушти Флин како директор на Агенцијата за воено разузнавање во 2014-та година, заради неговиот несоодветен менаџерски стил.

За предупредувањето од поранешниот претседател денеска објавија американските медиуми, повикувајќи се на поранешни официјални лица од администрација на Обама. Информациите беа објавени на само неколку часа пред Сенатската Комисија за разузнавање да започне со сослушување за руското мешање во претседателските избори и за наводните врски на соработници на Трамп со Москва. Трамп на неколкупати ги отфрли наводите како неосновани.

Американскиот претседател не сака да даде било какво признание за руска вмешаност во изборите, кое ќе ја поткопа легитимноста на неговата изборна победа. Тој во коментар на Твитер ја обвини администрацијата на Обама за одобрувањето на „највисоката безбедносна проверка“ за Флин.

Иако Флин ја поминал оваа проверка, истражителите велат дека тој не открил дека добил 30.000 долари за да присуствува на вечера за прославата на телевизиската мрежа спонзорирана од Кремљ, „Русија денес“ во 2015-та година во Москва кога тој седеше до рускиот претседател Владимир Путин. Флин исто така примил и преку 500.000 долари за да ја претставува Турција.

Истражителите истакнуваат дека тој ги прифатил исплатите, иако директно бил предупреден дека по пензионирањето, не треба да прифаќа пари од странски влади.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG