Линкови за пристапност

Обама најави ограничување на шпионирањето на НСА


Воедно инсистира на рамнотежа меѓу потребата од собирање на информации за да се спречат терористички напади и загриженоста дека шпионирањето ги крши граѓанските слободи и приватноста.

Американскиот претседател Барак Обама најави дека ќе го заузди шпионирањето на Агенцијата за национална безбедност (НСА), ограничувајќи ја обемната операција на следење на податоци.

Во денешниот говор што траше преку 40 минути, претседателот изложи серија промени, меѓу кои и практичен крај на шпионирањето на сојузниците, но и почеток на судски надзор за владиното собирање на податоци за милиони телефонски повици на американските граѓани. Тој рече дека владата ќе продолжи да собира податоци, но дека до крај на март ќе ја префрли контролата за истото на инстанца за која допрва ќе одлучи, по консултација со Конгресот.

Јавноста долго време го очекуваше говорот на Обама во кој најави промени во начинот на собирање на разузнавачки податоци, како резултат на масовното обелоденување на документи на НСА последниве неколку месеци од страна на поранешниот договорен соработник на Агенцијата, Едвард Сноуден. НСА тврди дека Сноуден украл 1,7 милиони документи пред да побегне и да добие азил во Русија.

Некои од документите покажаа дека САД ги прислушкувале телефонските разговори на сојузниците, како на пример оние од мобилниот телефон на германската канцеларка Ангела Меркел. Обама кажа дека тоа ќе прекине, освен во исклучителни ситуации.

„Јасно и` ставив на знаење на разузнавачката заедница дека, освен доколку не постои огромна причина во врска со националната безбедност, нема да ја следиме комуникацијата на шефовите на држави и влади, наши блиски пријатели и сојузници“, рече Обама.

Тој информираше и дека наложил на разузнавачите и на правниците, за странските претставници да развијат дел од истата заштита што важи за американските граѓани.

Обама во говорот се обиде да изнајде внимателна рамнотежа меѓу потребата на земјата да собира информации за да спречи терористички напади, како оние во 2001-ва, кога загинаа речиси 3.000 лица, и загриженоста дека шпионирањето ги крши граѓанските слободи и приватноста на Американците.

Тој рече дека земјата има „реални непријатели и закани, како и дека разузнавањето игра витална улога во спротиставувањето на нив“. Па сепак, тој додаде дека загриженоста за приватноста ги диктирала промените во програмата за собирање на телефонски податоци. Обама наредил ограничувања на обемот на пребарување на телефонските податоци и додаде дека таквите информации ќе може да се видат само по извршен судски преглед што ќе утврди дали навистина постои итна потреба за такво нешто.

Некои од промените, смета Обама, на Американците треба да им дадат поголема доверба дека нивната приватност е заштитена, дури и кога властите се обидуваат да ја заштитат земјата.

Претседателот порача и дека поради истрагата што во моментов се води против Сноуден, не би сакал да говори во детали за на неговите постапки и мотивацијата.
XS
SM
MD
LG