Линкови за пристапност

Обама бара Конгресот да го одложи автоматското кратење на трошоците


Смета дека мерката што би стапила на сила на 1-ви март би била погубна за економското закрепнување.

Американскиот претседател Барак Обама го повика Конгресот да го одложи автоматското кратење на владините трошоци што би стапило на сила на 1-ви март.

Во обраќањето од Белата куќа, Обама побара законодавците без одлагање да усвојат пакет на ограничени скратувања на трошоците и даночни реформи, се` додека не најдат „мудро решение“ за проблемот на нацијата во врска со долгот.

Обама јавно кажа дека пред крајниот рок, 1-ви март, можеби нема да дојде до спогодба за севкупниот буџет, но предупреди дека големите кратења носат опасност.

„Нема пократок пат до просперитетот. Длабоките, неселективни кратења во области како што се образованието и обуката, енергијата и националната безбедност, ќе не` чинат работни места и ќе го забават закрепнувањето. Тоа не е добро за економијата. Тоа не е добро за луѓето кои се` уште бараат работа. Добрата вест е, ова не мора да се случи“, кажа Обама.

Автоматското кратење е во износ на 1,2 трилиони долари во домашни програми и одбраната.

И републиканците се за замена на ова кратење со друга мерка, но не се согласуваат со предлогот на Обама за нови даночни зголемувања. Водачот на републиканците во Сенатот Мич Меконел денес го повика Обама да изложи суштинска реформа во однос на трошењето, сега кога Конгресот веќе еднаш постапи во врска со даночното прашање. Тој кажа и дека „времето истекува“ и дека „е време за сериозно однесување“.
XS
SM
MD
LG