Линкови за пристапност

Обама - Самарас


Грција може да игра важна стабилизирачка и партнерска улога во Медитеранот и на Балканот, кажа американскиот претседател Барак Обама по средбата со грчкиот премиер Андонис Самарас во Белата куќа
Грција може да игра важна стабилизирачка и партнерска улога во Медитеранот и на Балканот, кажа американскиот претседател Барак Обама по средбата со грчкиот премиер Андонис Самарас во Белата куќа

Обајцата во изјавите по средбата во Белата куќа се задржаа на грчката задолженост, Кипар и енергетските резерви на Медитеранот, но не кажаа дали се разговарало за името.

Американскиот претседател Барак Обама и грчкиот премиер Андонис Самарас по денешната средба во Белата куќа дадоа изјави без да одговорат на новинарски прашања, истакнувајќи ја соработката меѓу двете земји и стратегијата за надминување на грчкиот проблем со задолженоста.

Ниту Обама, Ниту Самарас не споменаа дека се разговарало за прашањето за името.

Првиот човек на САД ја подвлече армиската и разузнавачка соработка меѓу двете земји, сојузништвото во НАТО и се заблагодари што Грција е домаќин на американските армиски сили и средства.

„Имавме можност да дискутираме и за генералната состојба во Медитеранот и на Балканот. Како што кажа премиерот, тоа некогаш е соседство со предизвици и Грција може да игра важна стабилизирачка и партнерска улога“, рече Обама.

Тој оцени дека има нова надеж за решавање на Кипарското прашање по најновите пораки од двете заедници на островот.

Самарас оцени дека Грција се наоѓа во мошне нестабилна средина и му порача на Обама дека ќе соработува на средување на ситуациите на Балканот, Блискиот Исток и Северна Африка.

„Верувам дека регионот има многу проблеми. Ќе се обидеме да решиме колку што можеме повеќе, да воспоставиме соработка во овие области што ги опишавте, што мислам дека е важно. Со тоа што секогаш го браниме меѓународното право, секаде каде што има проблеми наоколу, верувам дека проблемите се должат на илегалната имиграција, внатрешните турбуленции во различни земји, и, за жал, дури и на проблемот на тероризмот“, кажа Самарас.

Во однос на грчкиот проблем со задолженоста, Обама информираше дека со Самарас се согласиле „дека во справувањето со предизвиците со кои се соочува Грција, едноставно, не можеме да гледаме на строгите мерки како на единствена стратегија. Важно е да имаме план за фискална консолидација, да се контролира долгот, но истовремено е важно во фокусот да бидат растежот и работните места“.

За Самарас, особено важно е создавањето на нови работни места за новите генерации, во контекст на податокот што го изнесе дека невработеноста меѓу младите во Грција достигнала 60%, за разлика од севкупната невработеност од 28%.

Тој го информирал Обама за откривањето на значителни енергетски ресурси во поширокиот регион на Медитеранот и рече дека Кипар, Израел и Грција може да ги преструктуираат тие ресурси, за да одговорат на европските потреби, особено за природен гас.

Самарас најави дека за време на грчкото претседателствување со ЕУ во првиот семестар на наредната година, а со помош и на италијанското претседателствување што следи потоа, ќе се обиде да го заокружи трансатлантското партнерство за трговија и инвестирање.

Грчкиот премиер претходно се сретна со американскиот државен секретар Џон Кери. Портпаролката на Стејт депарментот Џен Псаки коментираше дека средбата била продуктивна и ја подвлекла моќта на американско-грчкото партнерство.

“Секретарот ги уважи тешките, но суштински реформи што Грција ги презема за да ја обнови пазарната доверба и да поттикне економски растеж и ја истакна нашата солидарност со грчкиот народ“, рече Псаки. Кери ја истакнал и важноста на Грција како „силен НАТО-сојузник во така битен регион“.
XS
SM
MD
LG