Линкови за пристапност

Дали новиот претседател ќе ги разгради напорите на Обама?


Стручњаците сметаат дека американската надворешна политика обично се надоградува од една администрација во друга и дека претседателот има мошне ограничени овластувања.

Од кревање на американското знаме пред амбасадата на САД во Хавана, Куба, за прв пат по половина век, до важните преговори за постигнување на нуклеарниот договор со Иран, 2015-та беше година на дипломатија за претседателот Барак Обама.

„Овој договор покажува дека американската дипломатија може да донесе вистинска и суштинска промена, промена којашто може да ја направи нашата земја и светот побезбедно место за живеење“, изјави Обама кога го соопшти договорот со Иран, на 14-ти јули минатата година.

Годината тој ја мина фокусирајќи се на иницијативи од надворешната политика кои беа со цел да ја преобликуваат американската улога во клучни региони во светот, од Јужна Америка до Азија и Блискиот Исток.

„Ако наредната година видиме како работите се движат во позитивна насока во однос на Иран, Куба и Украина, ќе заклучиме дека Обама ја докажал поентата – дека американската политика и дипломатија, може да направат разлика“, вели Брус Џонс, од Институцијата Брукингс.

Но може да поминат месеци, дури и години, пред потезите во врска со Куба, Иран и Договорот за транс-пацифичко партнерство да покажат резултати.

Сепак, Џонс посочува дека напорите на Обама за мобилизирање на светот во справувањето со климатските промени, вклучувајќи го договорот со Пекинг за намалување на испуштањето на штетни гасови во атмосферата, веќе имаат влијание. Тоа го гледа преку фактот што речиси 200 земји го одобрија Договорот за климатски промени во Париз.

Обама извојува голема победа на полето на надворешната политика кога 12 земји го потпишаа Договорот за транс-пацифичко партнерство. Тоа е голем трговски договор што претставува централно место на американскиот стратешки ребаланс во азиско-пацифичкиот регион. Секоја од земјите треба допрва да ја ратификува оваа спогодба.

Претседателот мора да биде особено внимателен во 2016-та за време на напорите за продлабочување на врските во регионот, без притоа да се зголемат тензиите со Кина околу прашања како територијалниот спор во Јужното Кинеско Море.

Блискиот Исток останува најсериозен предизвик во надворешна политика за Обама во последната година од неговото претседателствување. Регионот е среде регионални конфликти, коишто ќе продолжат да бидат актуелни и кога новиот претседател на САД ќе положи заклетва на функцијата во 2017-та.

Ако сириската војна изгледаше далечна за многу Американци, на 2-ри декември со нападот во Сан Бернандино, Калифорнија, во кој загинаа 14 лица.

Претседателот со слаб рејтинг по инцидентот мина неколку недели обидувајќи се да ги увери Американците дека се безбедни и покрај „реалната закана“.

„Терористичката закана премина во нова фаза. Додека станавме подобри во спречување на сложени, повеќекратни напади како оној од 11-ти септември, терористите се свртеа кон помалку комплицирани актови на насилство, како масовните убиства, што во оваа земја станаа редовна работа“, кажа Обама во телевизиското обраќање до нацијата на 6-ти декември.

Некои велат дека заложбата на Обама за употреба на беспилотни летала и воздушни напади, ангажирањето на специјални единици, како и зголемената будност на домашен терен за справување со заканата, не се доволни.

Експертите како Брус Џонс од Брукингс, велат дека не повикуваат на копнена инвазија на Сирија или Ирак, опција која претседателот Обама на неколкупати ја отфрли, туку дека е потребна поголема проактивност.

Викрам Синг од Центарот за американски напредок, вели дека американската надворешна политика обично се надоградува од една до друга администрација и покрај поекстремните кампањски повици. Оттука, тој очекува главните глобални напори на Обама дека нема да бидат поништени од страна на следниот претседател, без оглед дали се работи за демократ или републиканец.

„Она што ќе секој претседател мошне брзо ќе открие во 2017-та, е дека овластувањата се ограничени, како и тоа дека големите светски проблеми, не можат да се решат преку каква било унилатерална акција од која и да е земја. Кој и да е претседател брзо ќе почне да учи што е потребно да направи ако сака да заврши нешто.“

XS
SM
MD
LG