Линкови за пристапност

Обама од Атина ја потврди американската определба за НАТО


Претседателот на заминување, Барак Обама при посетата на Грција искажа гаранции кон Европа за американската посветеност кон НАТО, под претседателствувањето на Доналд Трамп

Пред заминувањето од САД, Обама кажа дека новоизбраниот претседател на САД, Трамп му кажал дека тој има намера да ги одржува американските стратегиски односи.

Атина е прва станица на Обама во неговата последна странска посета како претседател на САД.

„Веруваме дека силна, просперитетна и обединета Европа е добра за граѓаните на Европа, но и за остатокот на светот и за САД“ му кажал Обама на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, кратко по пристигнувањето во грчкиот главен град.

Пред да замина од Белата куќа, претседателот Обама кажа дека Трамп искажал „голем интерес“ за одржување на стратегиските односи „и една од пораките која ќе можам да ја испратам, е неговата посветеност кон НАТО и трансатлантската Алијанса“, кажа Обама. Претседателот кажа дека ќе им соопшти на европските сојузници „дека нема ослабување на американската посветеност за одржување на силни и одлучни врски со НАТО.“

Европските лидери беа алармирани од ставовите на Трамп за време на кампањата дека американската посветеност бара појаснување од сојузниците.

Ваквите ставови на Трамп ги зајакнаа напорите за воспоставување на европски одбранбени сили, одделно од НАТО силите.

На собир на европските министри за одбрана во Брисел, беше разговарано за итната потреба за воспоставување колективен систем за безбедност, заради стравот на европските лидери од новата ера на американски изолационизам.

Во Атина Обама кажа дека НАТО е „целосно витален“ и „покажува континуитет, и покрај транзицијата на власта во САД.“

Постојат индикации дека некои европските лидери ќе бидат отворени за гаранциите на Обама околу иднината на трансатлантските односи под претседателствувањето на Трамп.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг искажа надеж дека Трамп како претседател „ќе се држи до американските ветувања кон алијансата затоа што силен НАТО сојуз е важен за Европа, но исто така важен за САД.“

Обама ќе пристигне во Германија во средата, пред подоцна неделава да заминe во посета на Перу.

XS
SM
MD
LG