Линкови за пристапност

Изберете дипломатија, а не војна


Американскиот претседател Барак Обама говори на Американскиот универзитет во Вашингтон
Американскиот претседател Барак Обама говори на Американскиот универзитет во Вашингтон

Им порача претседателот Обама на критичарите на иранската нуклеарна спогодба

Говореше на истиот универзитет каде пред 50-тина години, тогашниот претседател Џон Ф. Кенеди во говорот во чест на дипломците по првпат повика на нуклеарно разоружување и договор за забрана на нуклеарното тестирање со Советскиот Сојуз. Историскиот повик на Кенеди за дипломатија одекна и во обраќањето на претседателот Барак Обама.

„Тој (Кенеди, н.з.) го отфрли превалентното расположение во извесни надворешнополитички кругови коишто ја едначеа безбедноста со постојана воена основа. Наместо тоа, тој вети силно, принципиелно американско лидерство во име на она коешто го нарече практичен и досежен мир“, рече синоќа Обама во говорот на Американскиот универзитет во Вашингтон.

Мора да бидеме искрени. Конгресното одбивање на спогодбата ја остава секоја американска влада којашто е апсолутно посветена да го спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје со само еден избор: нова војна на Блискиот Исток.
Барак Обама, претседател на САД

Нарекувајќи ја иранската нуклеарна спогодба „дебата со највеќе консеквенци“ што САД ја воделе од одлуката во 2002-ра да извршат инвазија на Ирак, Обама ги предупреди законодавците во Конгресот да не гласаат против, како што рече, „мошне добриот договор“.

„Мора да бидеме искрени. Конгресното одбивање на спогодбата ја остава секоја американска влада којашто е апсолутно посветена да го спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје со само еден избор: нова војна на Блискиот Исток“, рече Обама.

Дипломатија или војна

Во речиси едночасовниот говор, Обама енергично се спротистави на критичарите на спогодбата којашто групата земји П5+1 (САД, Британија, Франција, Русија, Кина + Германија) ја постигна со Иран за нуклеарната програма на оваа земја. Тој рече дека Конгресот има јасен избор, „на крајот, меѓу дипломатија или некаков вид на војна“. Второто, рече тој, ќе биде многу понеефикасно во спречувањето на Иран да дојде до нуклеарно оружје.

Очигледно е дека оваа спогодба кај членовите на обете партии предизвикува немир, и тоа со добра причина. Американската улога во светот, посветеноста на глобалните сојузници и и каква иднина ќе оставиме за нашите деца се поврзани со ова прашање.
Мич Меконел, водач на републиканското мнозинство во Сенатот

„Најверојатно ќе доведе до тоа инспекторите да бидат протерани од Иран. Веројатно е дека ќе ја одведе иранската програма подлабоко под земја. Посекако ќе го уништи меѓународното единство коешто го градевме со години“, рече Обама пред публиката во којашто имаше и амбасадори од земјите на П5+1.

Обама забележа дека истите оние коишто се против иранската нуклеарна спогодба, ја поддржаа ирачката војна, судирот во којашто згаснаа илјадници човечки животи и беа потрошени речиси 1 трилион долари.

Како ќе одговори Конгресот?

Конгресот има рок до 17-ти септември да ја одобри или отфрли спогодбата. Претедателот може да стави вето доколку Конгресот гласа против, но потребна му е поддршка од сопартијците – демократи ветото да не биде надгласано и спогодбата да продолжи понатаму.

Непосредно пред говорот на Обама, водачот на републиканското мнозинство во Сенатот Мич Меконел повика на сериозна дебата за спогодбата во септември, наведувајќи „широкораспространета, добро заснована и двопартиска загриженост“.

„Очигледно е дека оваа спогодба кај членовите на обете партии предизвикува немир, и тоа со добра причина. Американската улога во светот, посветеноста на глобалните сојузници и и каква иднина ќе оставиме за нашите деца се поврзани со ова прашање“, рече Меконел.

Овој републиканец од Кентаки од сенатската говорница кажа дека и демократите се загрижени за договорот, дека нема доволно гаранции, дека ќе може да доведе до нуклеарна трка во регионот и дека остава ограничени можности доколку Иран реши да продолжи со потрагата по нуклеарно оружје.

Одговор на критиките

Обама одговори на повеќето од овие нешта, како што е тврдењето дека спогодбата не е доволно цврста.

„Забраната за Иран да поседува нуклеарно оружје е перманентна. Забраната за истражување поврзано со оружјето е перманентна. Инспекцијата е перманентна“, рече тој. „Точно е дека дел од ограничувањата за мирољубивиот дел на иранската програма ќе траат само 15 години. Но, така функционираат договорите за контрола на оружјето“.

Тој возврати и на оние коишто тврдат дека кревањето на санкциите само ќе го осоколи Иран, а значителен дел на говорот посвети на противењето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на спогодбата.

„На пријателите на Израел, на луѓето во Израел, им велам: нуклеарно вооружен Иран е далеку поопасен за Израел, за Америка и за светот отколку Иран којшто има корист од кревањето на санкции“, рече Обама.

Американскиот претседател смета дека фантазираат оние коишто веруваат дека САД може да се откажат од договорот и повторно да воспостават притисок врз Иран преку натамошни санкции. Тој го заврши говорот со ставот дека евентуалното конгресно одбивање на спогодбата би донело огромна штета на угледот на САД во светот: „Ако Конгресот ја отфрли спогодбата, ќе загубиме многу повеќе од контролата врз спогодбата или пак санкциите коишто макотрпно ги градевме. Би изгубиле нешто многу поскапоцено: кредибилитетот на Америка како лидер во дипломатијата“.

XS
SM
MD
LG