Линкови за пристапност

Кризата во Европа - тема на Самитот на Г-20


Следната недела во Мексико може да има многу влијание на политичката иднина на Обама

Дури и со учество на новоразвиените светски економии, многумина аналитичари се согласни дека кризата во еврозоната најверојатно ќе доминира на Самитот Г-20, што во понеделник започнува во Лос Кабос, Мексико.

Стјуард Патрик е виш научен соработник во Советот за односи со странство.

„Кризата во еврозоната ќе биде на самиот врв на агендата во Лос Кабос“, вели овој експерт.

Парламентарните избори во Грција во недела може да ја интензивираат ургентноста на напорите за решавање на кризата. Грчките гласачи ќе одлучат меѓу кандидатите кои поддржуваат алтернативни мерки што доаѓаат со пакетот помош за Грција и оние кои сакаат да го напуштат договорот, што ја отвара можноста Грција да ја напушти еврозоната.

Претседателот Барак Обама се осврна на проблемите во Грција за време на неодамнешна конференција во Белата куќа.

„Ги разбираме жртвите на грчкиот народ, а европските лидери ја разбираат потребата за обезбедување поддршка доколку грчкиот народ избере да остане во еврозоната. Но од друга страна, грчкиот народ треба да разбере дека доколку одлучи да излезе од еврозоната, неговите проблеми најверојатно ќе се влошат“.

Американската влада се надева дека европските лидери на самиотот ќе обелоденат план за одговор на ситуацијата. Исто така постои надеж дека тој план ќе вклучува помалку мерки за штедење и поголеми мерки за поттик на развојот и стабилизација на европскиот финансиски систем.

„Дел од иницијативата се состои во преземање јасна акција што е можно поскоро за внесување капитал во слабите банки. Подеднакво важно е и лидерите да можат да постават план и визија за посилна еврозона, вклучувајќи подлабока соработка за буџетите и банкарската политика“, истакна американскиот претседател.

Евентуалниот колапс на еврозоната може да има последици и надвор од Европа, смета аналитичарот Стјуард Патрик.

„Постои стравување дека ова ќе поттикне забавување на глобалната економија, во време кога некои од големите неодамна развиени пазари, вклучувајќи ги Кина и Индија, како да почнуваат да губат здив во иницијативата да бидат локомотиви во економскиот развој“, додава овој стручњак.

Европа е најголемиот трговски партнер на САД и неуспехот да ја врати својата економија на прав пат може да се одрази негативно на американската економија, што за возврат ќе создаде проблеми Обама да биде реизбран на функцијата во ноември.

Во Лос Кабос, претседателот Обама ќе има и средби со неговиот руски колега Владимир Путин.

Можни теми на разговорите се руското противење на санкциите против Иран и Сирија, како и сомневањата на Москва за плановите на САД за изградба на систем за противракетна заштита во Европа.

Самитот на Г-20, на кој учествуваат лидери од 19 земји плус ЕУ, последниве години го зазеде местото на самитот на Г-8, како примарен глобален економски форум.
XS
SM
MD
LG